Полни гаражи и помошни простории со не откупен тутун во велешкото село Бузалково
02.03.2021
Четириесет и пет картонски кутии полни со по 15 килограми искалапен тутун од видот „Прилеп“ ќе останат во домот на производителот Нафит Исмаили. Тој не го продаде родот за 120 денари за килограм затоа што не е од трета и четврта класа, како што го процениле туку вреди двојно повеќе. Сосема свесен дека загубата не ќе може да ја надмине овој тутунопроизводител не им го дал родот од минатогодишната реколта на фирмите со кои има склучено договор затоа што смета дека маката што ја вложило целото семејство вреди за проценка од прва и втора класа или за цена од 250 до 280 денари.
-Моментално имаме околу 675 килограми тутун од видот „Прилеп“. Имам потпишан договори со „Алијанска“ и со „Пако Табак“. На почетокот на откупот , лани на 15 декември во „Пако Табак“ случи да го класифицираат во трета и четврта класа иако станува збор за тутун што е од прва и втора класа. Дел од родот , само 400 килограми, го дадов со големи маки а дел ми го вратија со ветување дека ќе ме викнат и ќе ми го проценат. И покрај тоа што јас лично викнав второ степена комисија проценителите ме надмудрија, ми рекоа повлечи го тутунот ние тебе друг ден ќе те викнеме. Потоа не ме повикаа, рече Исмаили .
И тој како и голем дел од тутунопроизводителите во село Бузалково на 26 февруари, годинава на последниот ден за откуп, повторно ги товариле не откупените количини и застанале во долг ред пред откупниот пункт на „Алијансата“. Дури на крај на денот голем дел од нив биле повикани за да им се откупи тутунот. Меѓу нив не бил Исмаили но и поголем дел од тутунопроизводителите во ова велешко село. Тие биле сведоци само на констатацијата на проценителите дека завршил откупот.
Овој тутунопроизводител не верува дека ќе успее да ги продаде переостанатите 3,6 тони како што не верува ни во дадените ветувања за помош од државните институции.
-Прво не знаеме дали да веруваме на ветувања, бидејќи од првиот ден имаме ние ветување од Министерот за земјоделство, од Премиерот и од цела Влада. Јас не верувам ни 1% во сето тоа. Она што можеби ќе биде исполнето е најавената помош од 10 денари од килограм. Не верувам дека ќе дадат повеќе а колку ќе помогне тоа да се санира штета? Штетата е многу голема и не може на таков начин да се помогне. Оддамна се нема желба да се испадне во пресрет на тутунарите. Така беше решено, да си платиме ние дебела цена за годинава. Tолку години работам тутун и имало години кога бил псоалбо откупуван но ова годинава не се споредува. За понижувачка цена и не ти го откупуваат, можеби ни го зимале ефтино порано но го откупувале, додаде Исмали.
И тутунопроизводителот Џимаел Ускифатми остана со голема количина на не продаден род. Во неговиот дом има 50 кутии искалапен тутун. Тој не знае што да прави како и кому да ја продаде количината што со мака ја садел, одгледувал, берел, нижел, калапел со семејството, со месеци.
-Имам склучено договор со „Алијанса“ и со „Соцомак“. Од „Соцомак“ сум благодарен но не и од „Алијанса“. Продадов на откупниот пункт на „Соцомак“ само 130 килограми тутун над договор, повеќе не ми зимаа. За цената се знае 160 денари и понатаму немам што да зборувам. Работам 20 декара тутун и имам најмалку четири тони род годинава. А склучив договор за 1,5 тони. Останатата количина стои дома и ќе го чуваме. Слушнав дека ќе го откупеле но според мене тоа е знак на прашање, рече Ускифатми .
Иако скоро сите тутонопроизводители велат дека се приморани секоја година да ја садат оваа култура, дел од нив од неа живеат а дел како дополнителна дејност за да преживеат сметаат дека државата мора да им помогне ако планира да го спречи исчезнувањето на тутунот од македонското поднебје.
Убавка Јаневска