Се гради зграда со социјални станови за велешани
14.04.2021
Пет катна социјална зграда со 29 станови започна да се гради на државна земја во близина на поранешната велешка фабрика за тули „Киро Ќучук“. Ја гради Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, со финансиска поддршка на Владата, поточно, на министерството за транспорт и врски. Изградбата на станбениот објект чини околу 42 милиони денари и е една од позначајните капитални инвестиции планирана за реализација во текот на оваа година. Зградата ќе биде готова во месец мај, 2022 година.
-Годинава во буџетот на Министерство за транспорт и врски беа предвидени 134 милиони денари, за ваков тип на социјални станбени згради за споредба со минатата година сите средства што беа предвидени беа реализирани, што апсолутно можат да го поздравам како добар пример и добро организирање и менаџирање од страна на директорот и целото акционерско друштво, продолжуваме и оваа година со иста диманика. Посакувам оваа зграда да биде успешен пример на соработка помеѓу централната и локалната власт и во иднина да ги креираат урбанистичките планови во насока да има простор и можности да реализираме ваков тип на објекти за социјално ранливи категории на граѓани, рече Благоја Бочварски, Министер за транспорт и врски.
Денеска Министерот Бочварски беше во обиколка на веќе започнатиот станбен објект во Велес.
-Во ист момент на територијата на државата освен во Велес, се градат социјални згради уште во четири градови, рече Кристијан Трајковски, директор на ЈП за станбен и деловен простор.
Изразувајќи благодарност за соработката со Министерство за транспорт и врски, кога се во прашање капиталните инвестиции кои се поврзани со подобрување на квалитето на живот , Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, потенцираше дека 29-те станови во изградба се наменети за социјално ранливи категории на население, на деца без родители, на самохрани родители, на сиромашни семејства од ромската заедница, на граѓани со посебни потреби и семејства со минимални приходи поточно гарантирана минимална плата.
-Сметам дека во овој момент на лицата што припаѓаат на овие категории во Велес сега им се најпотребни овие станови. Во изминатиот период често се случува голем број од странките коишто доаѓаат во Општина Велес да бараат социјална помош или социјален стан, тие не знаат тоа чија надлежност е, со иградбата на овие станови малку ќе се амортирзираат притисоците и барањата и ќе се исполнат желбите да дојдат до пристоен дом на живеење барем на 29 семејства во Велес, додаде Коцевски.
Петокатницата со дваесет и деветте станови во изградба е со вкупна површина од 1800 м2, становите се со големина од 30 до 50 м2 како најчесто се продавани на пазарот за недвижности. Објектот го изведуваат две градежни компании од Скопје.
Нејзините први станари треба да го очекуваат вселувањето најдоцна до месец мај, наредната година.
Убавка Јаневска