Јанева: Обвинителките да се вратат од кај што се дојдени
Специјалната обвинителка Катица Јанева, со образложение дека е намален обемот на работата на Обвинителството, им се заблагодарила на досегашната работа на обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева. Му предложила на Советот на јавни обвинители да ги врати на местата од каде што беа избрани, односно во Тетовското и во Скопското обвинителство.
“Утврдено е дека за совладување на обемот на работа со кој се соочува Специјалното обвинителство, во овој момент доволни се десет обвинители. Имајќи го предвид фактот дека јавните обвинителства од кои доаѓаат јавните обвинители се соочуваат со недостиг на кадар, што и јавно беше соопштено од Советот на јавни обвинители, предложено му е на Советот да ги распредели овие обвинители во обвинителствата од кои беа избрани во ова јавно обвинителство”, објасни обвинителката Јанева.
Таа ќе продолжи да работи со десеттемина преостанати обвинители, поради намален обем на работа, како што им кажала Јанева.
Советот на јавни обвинители, освен за законитоста на постапката при приемот на прислушуваниот снимен материјал од СДСМ, расправал и за ситуацијата со обвинителките Кадриу и Ѓорѓева, кои таму се пожалиле дека со решение се отстранети од должностите и тргнати од истрагите што ги работеле.
Како што соопшти Аневски, Јанева, на своја иницијатива и без никакво образложение, ги отстранила обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева. Им рекла да ги вратат материјалите. За ова, рече Аневски, тие на 20. овој месец се пожалиле кај него дека се избркани од Специјалното обвинителство.
Во понеделникот, пак, таму стигнал допис од Јанева, со тврдење спротивно на избрканите обвинителки – дека тие сами барале да заминат поради намалениот обем на работа, тврди Аневски.
“Ја потсетувам јавноста дека спорен беше токму бројот на обвинители во тимот на Јанева, и ние потрошивме еден месец додека не доизбравме уште петмина што таа ги бараше за во нејзиниот тим. Таа бараше дури и поголем број обвинители”, потсети Аневски.
“Во врска со ова прашање, Советот формираше комисија од тројца членови, на чело со Сашо Василевски, кои треба да го испитаат овој случај. Процедурата не е така едноставна. Сега треба да се донесе и одлука за намалување на бројот на обвинители. Деновиве ќе имаме состанок на кој, покрај двајцата разрешени обвинители, ќе биде поканета и Јанева, за да даде свое објаснување за ситуацијата”, изјави Аневски.
За приемот на материјалите од СДСМ, пак, била донесена одлука за почеток да се побараат од Специјалното обвинителство податоци за бројот на примени предмети, за тоа дали е направен записник при примопредавањето и други статистички податоци. Важно е, рече, да се знае точно што е примено, зашто по завршувањето на постапките тој материјал треба да се ништи.
Тој ги отфрли информациите во јавноста дека можни се кривични пријави за Катица Јанева, но потенцираше дека ова обвинителство одговара пред Советот.
Извор: Вест.мк