СЕММ: Подобро самите да се регулираме, отколку некој друг да го прави тоа
Подобро самите да се регулираме, отколку некој друг да не регулира – им порача на медиумите Драган Антоновски, претседател на Советот за Етика на Медиумите во Македонија од денешната прес-конференција, на која ги повика медиумите да известуваат објективно и професионално, особено во предизборниот период.
За таа цел, СЕММ изготви посебна Повелба за етичко известување, која беше презентирана пред новинарите. Повелбата ја потпишале дури 92 медиуми, но многу од нив не се придржуваат до неа.
– Најголем дел од жалбите се однесуваат на отсуство на второ мислење во текстот, мешање на мислења и факти, како и коментирање во текстот. Исто така, говорот на омраза и натаму е присутен – вели неговиот колега Мирче Адамчевски од СЕММ.
Најмногу забелешки имало кон веб-порталите, а досега оваа година биле поднесени дури 80 претставки.
– Некои медиуми ги опоменавме, некои допрва ќе ги опоменеме – рече во врска со ова претседателот Антоновски, предупредувајќи дека оние кои нема да се придржуваат до правилата ќе бидат исклучени од СЕММ како што се случувало и во минатото.
Повелбата бара од новинарите да почитуваат 8 принципи: принципот на вистинитост и објективност, принципот на избалансираност, на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, потоа чесност и неутралност, професионална солидарност, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност и слобода и одговорност.
Нивната колешка д-р Марина Тунева повика „медиумите да не се претворат во разгласни станици на политичките партии“. Таа потсети дека уредувачката независност е еден од највисоките критериуми за слободни медиуми кои од нас ги бара Европската Комисија.
– Медиумите моментно се на услуга на политичките елити. Колеги, новинарството не е пропаганда. Ова што премолчено се прави во дел од новинарството е само соучесништво во урнисувањето на професијата, а со тоа и на демократизацијата на државата – поентираше Антоновски.
Извор: Плусинфо.мк