Датумот за потпис на Договорот Скопје – Атина не е прецизиран – се ќе се знае денеска
Декласифицирање на договорот со Грција од страна на македонската Влада и негово ставање на увид на јавноста, седница на врвот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, почеток на седница на грчкиот Парламент на кој централна тема е договорот со Македонија, но и интерпелацијата на Владата на Алексис Ципрас, покрената од опозициската Нова демократија е исходот од вчерашниот ден во однос на процесот за решавање на спорот со името, а пред најавуваната средба на двајцата премиери, на која треба да бидат ставени потписи на договореното, пренесе МИА.
По декласификација, договорот треба да биде доставен до Собранието, а грчките пратеници, пак, денеска ја продолжуваат расправата по него, додека гласањето за недоверба на Владата на Ципрас е закажано за в сабота.
Средбата меѓу двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во Мала Преспа, која беше најавувана за викендов, ќе се одржи овие денови, но се уште не е прецизиран датумот. Договорот ќе го потпишат двајцата министри за надворешни работи, а ќе стапи во сила, откако ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент.
Во текот на денешниот ден треба да има повеќе информации за местото и датумот.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на вчерашната прес-конференција истакна дека се уште не е прецизиран датумот за средбата меѓу премиерите, но напомена дека денеска ќе има повеќе информации и ќе се знае точно кога и каде ќе се одржи средбата.
– Во текот на утрешниот ден точно ќе знаеме, ќе ве информираме, ќе одржиме брифинг во однос на потпишувањето. Во моментов не е позната точната локација и исто така не е утврден денот кога ќе биде. Утре попладне може малку подоцна ќе знаеме се, рече вчера Бошњаковски.
Тој вчера го објави декласифицирањето на договорот.
– Владата на РМ едногласно го разгледа и усвои извештајот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство и донесе одлука да го декласифицира договорот. Веќе е закачен на веб страницата на Владата и целата македонска јавност има пристап до истиот. Договорот е насловен – Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните, рече Бошњаковски.
На владината седница вчера шефот на дипломатијата Никола Димитров ги информирал министрите за текот на целиот процес и за реализацијата на договорот, во кој се предлага името Северна Република Македонија.