Папата Францис го налути Доналд Трамп
Папата Францис се вклучи во американската претседателска кампања со изјавата дека Доналд Трамп “не е христијанин” бидејќи сака да изгради ѕид на американската граница со Мексико. Овие зборови, се разбира, го налутија републиканскиот кандидат Трамп.
“Лице кое сака да гради ѕидови а не мостови не е христијанин”, рече Папата.
Одговорот стаса веднаш:
“Срамно е за религиозен лидер да ја доведува во прашање верата на едно лице”, преку соопштение се јави Трамп.
Да потсетиме дека Трамп во јуни најави дека ќе изгради ѕид на границата со Мексико, таму каде што сега се наоѓа жичана ограда. Се разбира ако стане претседател на САД.
Оваа полемика предизвика милиони реакции, пред се на социјалните мрежи, помеѓу ултра конзервативните и прогресивните католици.
Католичката црква во САД е поделена. Добар дел од високата хирерахија на црквата е резервирана во однос на ставовите на Папата за најважните општествени прашања. А од друга страна многу католички невладини организации и дел од хиерахијата на црквата се во првите одбрамбени редови за правата на имигрантите.
Истовремено, Берни Сандерс, демократскиот кандидат, ја намалува својата разлика со Хилари Клинтон во анкетите. Според анкетата на Wall Street Journal/NBC објавена во четвртокот, Сандерс добива 42 отсто намери за гласање на демократите на национално ниво а Клинтон 53 отсто.
Во само еден месец Сандерс успеа да ја намали за повеќе од половина разликата што ја имаше со Клинтон.
Извор: Новатв.мк