ДЗС донираше опрема за противпожарната единица во Кавадарци
Кавадаречката противпожарна единица ја зголемува својата опременост. Доби донација во теренеско возило за дејствување при пожари и сообраќајни несреќи и останати технички средства неопходни при извршувањето на нивните задачи. Благодарност за донацијата искажаа градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и командирот на ТППЕ Кавадарци, Александар Чадамов.
„ Денеска нашата ТПЕ добива сериозна донација од Дирекцијата за заштита и спасување. Едно теренско возило, џип, опремено со пумпа за противпожарно дејствување и дејствување при сообраќајни незгоди. Исто така добивме комплет ножици за дејствување при сообраќајни незгоди и пет пумпи за испумпување на вода и други пропратни елементи“ изјави градоначалникот Митко Јанчев на примањето на донацијата.
Тој нагласи дека сега противпожарната единица за разлика од пред три години е значително по подготвена за дејствување. Тимот е составен од 27 пожарникари но и опременоста е на значително повисоко ниво.
„Соработката помеѓу дирекцијата за заштита и спасување и општината доведе до брз развој, односно опремување на еден од најважните сегменти, односно противпожарната единица на Кавадарци. Со градоначалниците со кои имаме добра соработка резултатот е видлив. Материјално техничките средства се со највисок квалитет. ТПЕ Кавадарци спаѓа во републичките сили и се под ингеренција под Дирекцијата за заштита и спасување во моменти на големи катастрофи“ рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски.
Командирот на ТППЕ Кавадарци, Александар Чадамов посочи дека со новата опрема ќе имаат можност за побрзи интервенции и дека наскоро започнуваат обуки во кои ќе се користи новата опрема./А.Д