Кавадарци во 2017 година ќе има буџет од 13 милиони евра
13 милиони евра ќе тежи општинската каса за 2017 година. Советот на општина Кавадарци со 13 гласа „За“, 4 „против“ и 1 „воздржан“ го усвои буџетот за следната година.
Опозицијата обвини дека поврторно бил креиран амбициозен буџет, а градоначалникот Александар Панов посочи дека бил подготвен реален буџет. Тој даде образложение на планираното собирање и трошење на народните пари. Рече дека првично буџетот бил планиран на 799.051.000 денари, а по прифаќањето на неколкуте амандмани од опозицијата и од мнозинството во советот буџетот достигна ниво од 809.596.000 денари или околу 13 милиони евра.
„Основниот општински буџет е предвиден на 412.422.000 денари. За капитални расходи се планирани 190 милиони денари“ рече Панов и пред советот ги презентира предвидените проекти кои ќе се реализираат следната година во делот на комунална изградба во урбаните и месните заедници.
Панов се осврна и на капиталните проекти планирани за 2017. Најави изградба на нова детска градинка, доизградба на кејот на реката Луда Мара, доизградба на колекторскиот ситем, реконструкција на зградата на противпожарната единица, изградба на пешачки мост на ул. Шишка, реконструкција на училиштето во Марена и реализирање на проектот за последниот мост од Ваташа кон Моклиште.
„Во изминативе години кажувавме дека се носат амбициозни буџети и имате нереално предвидување. Лани се реализира буџет од 9 милиони евра, а сега повторно се предвидува буџет од 13 милиони евра. Потребно е да носиме реален буџет кој ќе може да се реализира“ рече советникот од СДСМ, Зоран Бањански и подвлече дека со нереалниот буџет се креирала слика дека постојано нешто се градело.
Советникот Сашко Петров поднесе дваесетина амандмани. Дел од нив беа прифатени од градоначалникот, а дел одбиени.
А.Д