Oд плоштадот во Кавадарци денеска се испрати порака „Не за петардите“
Општинскиот совет за превенција од малолетничко престапништво денеска на градскиот плоштад реализира показна вежба на која беа симулирани повреди од петарди. Со овој настан се прати порака до најмладите и нивните родители дека петардите не се играчка за деца и дека од нивната експлозија може да се добие сериозна повреда.
„Вежбата ја организираме во пресрет на новогодишните празници кога реализиравме и голем број на едукативни предавања по сите основни училишта во Кавадарци и Росоман. Присутни претставници од сите основни училишта, родители, случајни минувачи жители од двете општини. Група ученици симулираа употреба на петарди и имаа повреди, волонтери на Црвениот крст им пружаа прва помош и ги мобилизираа повредените. Беше повикана брза помош и беа пренесени во просториите на Здравствен дом, појасни Димитар Каракулев, инспектор за превенција, претседател на Советот.
Tој смета дека оваа вежба поучно ќе влијае и апелираше да не се употребуваат петарди и пиротехнички средства за да не дојде до несакани последици.
Каракулев нагласи дека во светот секоја година околу 150.000 лица се повредуваат од петарди а во Македонија секоја година во просек десетина деца завршуваат во болница со повреди од употреба на петарди./А.Д