Коцевски: Проектот „Мој данок, моја заштеда!“ обезбедува бенефиции за граѓаните но и за општините
Проектот за поврат на 15 проценти од ДДВ на граѓаните е важен не само за државата, туку и за граѓаните. Особено е за пофалба Владата која досега е единствена што одлучила да враќа пари на граѓаните, смета градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Тој укажа на придобивките од проектот Мој данок, моја заштеда преку кој граѓаните на три месеци ќе може да поврат по 1.800 денари, а на годишно ниво по 7.200 денари, или едно просечно четиричлено семејство во текот на годината може да си поврати 28.800 денари од парите кои како ДДВ ги уплатиле за државата.
– Тоа ќе биде значаен придонес за скромниот буџет на семејството, тоа е значајно и за државата и за граѓаните на Општина Велес затоа што се поттикнуваат граѓаните да пазаруваат во маркети и продавници кои уредно плаќаат ДДВ. Со тоа тие можат да ги пријавуваат несовесните продавачи кои не употребуваат фискални апарати и ја поттикнуваат сивата економија, рече Коцевски.
Потенцирајќи дека на овој начин ќе се сузбие сивата економија и многу повеќе средства ќе се влеваат во државниот буџет, а тие средства индиректно потоа ќе завршат во општините и државните институции Коцевски додаде дека со тоа ќе се подобри квалитетот на живеење на граѓаните преку повеќе пари за водоводна и канализациска мрежа, улици и патиштата.
– Резултатите се импресивни од досегашниот период . Од Управата за јавни приходи ми ги пренесоа последните податоци кои говорат дека заклучно со 17 јули се скенирани над 3,5 милиони фискални сметки што значи дека до денеска бројката е дојдена до 4 милиони фискални сметки, додаде Коцевски.
Тој заклучи дека граѓаните се мотивирани да скенираат фискални сметки и се мотивирани на овој начин да заштедуваат сопствени средства./У.Ј