Македонските работници молчат наместо да зборуваат за прекршените работнички права
Дваесет и седум годишна работничка од Велес собра храброст и прозборе за голготата низ која што поминала во фирмата во која работела две години. Заедно со останатите колешки работеле по шест дена во неделата и на секој државен и верски празник а добивале само минимална плата. Неисплаќањето на регресот за годишен одмор за минатата година ја прелило чашата. Работничките протестираа и го условија газдата, додека не им го исплати регресот, нема да се вратат на работните места.
„.Лани ни дадоа половина К15 а ни следува цел, тоа значи дека не излажаа, половина ни го дадоа на рака а половина го нема. Секоја сабота и секој празник работевме и тоа не ни беше исплатено. Немавме синдикат и немаше кој да не заштити. К15 ни исплати сега, ама саботите не ни се исплатени. Многу придонесовме за оваа фирма, многу се работеше , но нас како работнички ништо не ни се исплаќаше ни награди ниту бонуси, ништо“, рече работничката.
Нашата соговорничка е една од 1500 работници од Вардарски регион кои изминатата година пријавиле прекршување на работнички права во Сојузот на синдикати на Македонија. Таа сега вели дека повторно нема да ја направи истата грешка. Нов договор за работа ќе потпише откако добро ќе го прочита и разбере за да може соодветно да се заштити и да не ја повтори истата грешка.
А токму ова е само една од препораките на Сојузот на синдикати на Македонија кој дава заштита за која што работниците и работничките многу малку знаат. Тоа што во последната деценија синдикално не се организираат ги доведува во состојба на обесправеност. Но има обесправени работници и во фирми каде синдикално се организирани. Таму или синдикалните лидери не се активни или пак работниците стравуваат да не бидат избркани од работа, затоа молчат и не пријавуваат прекувремена работа, помала плата од минимална, работа за време на државни и верски празници, како и неисплата на K 15.
По основ на овие четири прекршени работнички права, минатата година, бесплатна правна помош добиле 14.000 работници во државава од Сојузот на синдикати на Македонија. Во дел од фирмите синдикатот директно преговарал со работодавачите, а онаму каде што не успеал да влезе, работодавачите ги пријавил во државниот инспекторат за труд.
„И затоа работодавачите морат да бидат свесни и за тоа дека законот ги штити работниците. За да не се доведеме во ситуација државниот трудов инспекторат да поднесе пријава за група работници. Таков случај имавме во Гевгелија кога за 200 работници по пријава од работници донесуваа едно решение и го казнуваа работодавачот само со 700 евра. Сега тоа што го правиме е поднесуваме пријави поединечно за сите работници “, рече Слободан Трендафилов, шеф на кабинет на ССМ.
Казната од 700 евра по работник доколку се потврди прекршено работничко право сериозно ја сватија работодавачите, констатираше Трендафилов, според кого, за синдикатот е важно работниците и работничките да бидат храбри. Стравот да не се изгуби работното место мора да се надмине за да не му се остави простор на работодавачот да врши злоупотреби во сопствена полза. Трендафилов го издвои примерот со работнички во велешка текстилна фирма, каде соптвеник, по реакција на синдикатот и трудовиот инспекторат, им исплатил К 15 но им наредил да му го вратат. За жал, ниту еден работник не сакал да учествува во организираната акција на ССМ со полицијата и министерството за труд и социјална политика.
„По информација од работниците ССМ презеде чекори во комуникација со министерот за труд и социјална политика. Беше разговарано и со министерството за внатрешни работи да се обезбедат обележани банкноти, да се вратат како такви на работодавачот и ние понудивме на секој работник да го стори тоа преку апликацијата и дека ќе биде заштитен, доколку се случи да го загуби работното место да го вработиме во канцеларијата во Велес се додека не си најде соодветно работно место согласно неговата стручна спрема. Но за жал, веројатно работниците не се охрабрија да пријават дека работодавачот им ги бара парите назад а единствениот механизам во таква ситуација е да бидат обележани банкнотите и инспекторите на МВР на лице место да ги констатираат и работодавачот да одговара за тоа и со казна затвор“, додаде Трендафилов.
Статистичките податоци од Државни инспекторат за труд во Велес од минатата година говорат дека инспекторите постапиле по 127 пријави и тоа најчесто за доцнење на плати и придонеси како и за неисплата на прекувремена работа. Додека за прекршување на работнички права во Основен суд Велес биле поведени вкупно 169 постапки од кои и за прераспоредување од едно на друго работно место, за хранарина, ноќна работа, јубилејни награди. Анализите на овие две институции покажуваат дека не е мал бројот на работници кои што бараат и оствариле правда.
„По сите преставки е постапено од страна на трудовите инспектори при што изречени се 44 решенија со изречена инспекциска мерка опомена и 7 решенија со изречена инспекциска мерка наредба. На 4 правни субјекти изречени се глоби по член 13 од Законот за работни односи. При вршење на инспекцискиот надзор затечени се непријавени работници и изречени се глоби за истите правни субјекти. Понудена е постапка за порамнување при што издадени им се прекршочни платни налози коишто истите се платени во рок од осум дена“, рече Лидија Ѓошева, државна инспекторка за труд.
„Не може а да не се забележи дека во конкретниот вид на предмети, во конкретниот суд евидентно е дека некаде околу 70 отсто од тужителите и тужените биле задоволни. Задоволството или незадоволството се мери еден од параметрите е бројот на обжалени одлуки. Кога станува збор за парнични постапки, за вонпарнични постапки и за трговски спорови, тоа се предмети кога граѓани или фирми поднесуваат тужби а со самото тоа што поднесуваат тужби до судовите, јас лично донесувам заклучок дека имаат верба во судот или дека ако на друг начин неможат да си го решат спорот, судот е тој што ќе го реши. Особено ако како во конкретниот случај се утврди дека од донесените 116 предмети само во 34 една од странките не била задоволна и вложила жалба“, рече Габриела Гајдова, судијка и портпаролка на Основен суд Велес.
Примерот пак на велешката фабрика за шински возила „Колска“ е редок случај на остварување на работнички права преку синдикално организирање. Иако со децении се чардак, ни на небо ни на земја, кога е во прашање дефинирањето на статусот на фабриката, за остварување на работничките права, на повикот на синдикатот работниците ги вклучуваат сирените и ги запираат возовите. Така добиваат плата.
„Јас мислам дека овде не сплотува со самото влегување во фабриката, што значи дека ние немаме политичка припадност, не се делиме на политички партии, не се делиме по етничка припадност туку сите сме работници од ист ранг. А кога е во интерес платата или некои работнички права, тогаш сме сите сплотени и заеднички настапуваме“, рече Тони Арсовски, претседател на синдикална организација на ССМ во „Колска“.
Работниците на велешка „Колска“ се меѓу ретките работници кои што сакаат јавно да говорат за своите проблеми. Тоа е нивна предност, и кога станува збор за новинарите но исто така и за институциите, затоа што делумно сепак ги остваруваат своите права.
Очигледно е дека во остварувањето на работничките права, македонските работници и работнички, потребно е да се охрабрат и да им се спротивстават на работодавачите затоа што Законот за работни односи е на нивна страна.