Проекции на три француски филмови,викендов, во велешки театар
Велешани ќе ја одбележат десет годишнината на Францускиот филмски Фестивал во Македонија. Од петок, 16 до недела, 18 јуни годинава во Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов –Џинот“ ќе се одржат три вечери посветени на францускиот филм. Љубителите на филмската можност ќе можат да ги проследат следниве филмски остварувања:
Во Петок на 16 јуни комедијата „Семејството Белие“ на режисерот Ерик Лартиго. Главните улоги ги толкуваат Луан Емера и Карин Вијар. Проекцијата е со почеток во 19 часот и 30 минути
Во сабота на 17 јуни со почеток во 20 часот ќе биде прикажан трилерот „Човекот што многу го сакаа“ на Андре Тешине, со Гијом Кане,Катрин Денев и Адел Енел во главните улоги.
Во недела, 18 јуни, со почеток во 20 часот, љубителите на филмската уметност ќе можат да ја проследат историската драма „Принцезата од Монпасје“ на Бертран Таверние со Мелани Тјери и Ламбер Вилсон во главните улоги.
Трите избрани филмови се од официјалната селекција на Канскиот Фестивал во периодот 2010-2014 година.
Со цел во манифестацијата да уживаат сите граѓани, филмовите ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик.
За сите проекции, влезот е бесплатен.
– Со оваа манифестација Општина Велес продолжува со реализацијата на франкофонски настани како град на Франкофонијата и град во кој континуирано се релизираат проекти со партнери од Република Франција. Од името на Градоначалникот и Советот на Општина Велес, како и во име на граѓаните упатуваме јавна благодарност до Амбасадата на Република Франција, Францускиот институт и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ за соработката и организацијата на оваа манифестација. Ги покануваме граѓаните да ја искористат оваа можност, да излезат од своите домови и заеднички да уживаат во францускиот филм, рече одговорната за Франкофонски проекти во општина Велес, Јадранка Стефкова.
Граѓаните кои сакаат да дознаат нешто повеќе за филмовите на официјална веб страница и на социјалната мрежа Фејсбук општината објави линкови до трејлерите како и кратка содржина на филмовите во програмата./У.Ј