Во Ликовниот салон во Велес ќе биде отворена изложбата на слики „Несознајно“ на ликовниот уметник од Велес, Филип Коруновски
6.10.2020
Изложбата е Проект од национален интерес во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајн за 2020 година, во реализација на одделението за Историја на уметноста.
Филип Коруновски роден е 1987 година во Велес дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнува со професионален назив Дипломиран графичар со модул графички дизајн каде што четири семестри посетува настава по предметите Обликување на простор и Сценографија. Во 2011-та година магистрира на истиот факултет на одделот за Скулптура и сестекнува со научен назив – Магистер по скулптура. Во 2016 година го формира колективот за визуелна уметност и видео визуелизации Edit Points со кој што работи на повеќе културни настани низ Македонија. Од 2014 година работи како сценограф во театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ каде што дизајнирал сценографии за над 20 продукции.
Коруновски има реализирано 3 самостојни изложби: во 2011 година -„Урбана синтеза”, Ликовен салон, Велес, изложба на слики, во 2011година –„Recycle, Reuse, Refuse, изложба на скулптури и во 2019 година – “Nicht zu wissen”, Prima center, Berlin
Учествувал на поголем број групни изложби и колонии
Во својата изложба насловена „ Несознајно “ Филип Коруновски не внесува во еден свет на ликови кои носат различни експресии, понекогаш со силно изразена драматичност, ликови свесни за секојдневието преполни со емоции, некои полирични, некако навлезени во некои невидливи простори. Се појавуваат машки и женски, но и детски ликови каде некогаш само поглед полн со тага или презир, или дополнети со некое движење, гримаса, подотворени или неми усни кажуваат многу, дури ни она што не би сакале другите да го слушнат.Сепак и покрај тоа што навидум ликовите се покажуваат повеќе како сведоци на едно тажно и болно време, вечната потрага и надеж дека животот и покрај се си има своја убавина, дава оптимизам за остварување на своите идеали.
Изложбата ќе биде отворена во четврток 8 октомври, во 19,30 часот./У.Ј