Престижната актерска награда „Петре Прличко“ годинава за Слободан Степановски, актер на битолски театар
6.11.2020
„Кога ја одбираат професијата и се запишуваат на академијата, актерите се замислуваат себеси ислучиво во ролјите од ѕвезданиот репертоар: веруваат дека „со гаранција“ ќе ги играат исклучиво Орест, Ромео, Хамлет, Алсест, Едип, Вујко Вања, Лир…Сепак, во драмските партитури – дури и во оние помалку познати и изведувани – има неспоредливо повеќе мали и најмали ролји. Тоа се сите оние есенцијални и хиперфункционални „актерски задачи“ кои се викаат епизодни – „supporting role“ и за кои (во таму-некој си голем свет) рамноправно се наградуваат со оскарите, пишуваат во образложението за доделување на наградата „Петре Прличко“ годинешниот претседател и членови на Комисијата поточно режисерот Дејан Дамјановски и членовите театралогот Сашо Димовски, в.д директор на велешки театар како и Драган Миладиновски, актер.
Тие годинава одлучуваа по пристигнати пет кандидатури за престижната актерска награда и тоа од МНТ од каде е предложен актерот и внук на Петре Прличко, Игор Џамбазов, од Народен театар Битола актерот Слободан Степановски, од Театар Комедија актерката Магдалена Ризова-Черних, од НУЦК актерот Горан Илиќ и актерката Дубравка Киселички од НУЦК „Трајко Прокопиев“од Куманово.
Според едногласната одлука на Комисијата годинешен добитник на наградата „Петре Прличко“ е актерот Слободан Степановски.
Во образложението на Комисијата се додава дека ниту еден од драмските протагонисти/јунаци не би можел да ги покаже своите ѕвездалиски потенцијали или дијапазони сам. Театарот е колективна игра и уметност, токму како и фудбалот, во која – за да се се стигне до целта – сите мора да се на теренот и сите интензивно трчаат и комбинираат до бесвест, испотени до коска.
„Слободан Степановски тоа го правеше и продолжува да го прави чесно, доследно, одговорно, со искрено убедување, со полни гради и чисто срце. Среќен и исполнет, како секој автентичен тимски играч кој истрчал 43 години долга и пребогата кариера, маркирана со дури 90 професионално одиграни ролји. „Прличковец“ без дамка и без задршка, големиот актер достоен на небесниот ктитор на оваа награда!“, пишува во соопштението за јавност.
Актерската награда „Петре Прличко“ годинава поради актуелната состојба со ковид-19 нема да се додели на одбележувањето на 9 Ноември – денот на градот, туку во пригода што ќе се случи во Велес штом градот и државата се справат со епидемијата на вирусот. Тогаш, на врачувањето на наградата, во чест на годинешниот добитник актерите на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе одиграат претстава.
Убавка Јаневска