(фото) Во Велес, промовирани две антологии во кои учество земаа околу 65 автори

Објавено на 10 јули, 2023 во 12:57

Издавачката куќа Збор од Велес, во соработка со поетесата Милица Паулис, реализираше убава замисла. Поети и прозаисти од цела Македонија, кои пишуваат за возрасни и за деца, ги обединија своите творби во антологиите „Различни светови“ и „Детски соништа“, кои свечено беа промовирани во Велес.

На антологијата за возрасни, учествуваа 40 автори со поезија и 19 со проза, a промотор беше м-р Десанка Николова, којашто рече дека оваа антологија преставува мозаик на стихови.

-Книжевен водопад што плиска и потплискува, оживува и облагодорува.Оваа книжевна разгледница која доаѓа како летен поздрав од застапените автори е вистинско освежување за љубителите на убавата реч. Композициски книгата е составена од два дела. Во првиот дел,поезија,застапени се четириесет автори. Вториот дел е проза и во него се претставени деветнаесет автори. Песните во антологијата се мотивски и стилски различни и на таков начин посочуваат на поетските преокупации на авторите, предавајќи една колоритност на идеи, видувања, поетски пораки што во суштина се обединуваат во поривот за уметничко создавање. Песните се со складен и навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија. И авторите на расказите, со многу љубов, топлина и искреност не носат низ шареноликите предели на различните светови. Со искрен лирски излив ја изразуваат среќата и радоста на животот и спомените кои ги има од најубавиот период.Авторитие раскажуваат раскази од животот и за животот. Темите што се обработуваат  се разни, опфаќајќи ги сите сегменти на општественото живеење. Јазикот во расказите е лесен, едноставен, разбирлив. Описите се природни и ненаметливи. Нарацијата е спонтана.“ – додаде Николова.

„Детските соништа“ е антологија од поезија и проза за деца и учествуваа вкупно 16 автори додека промотор беше професорката по македонски јазик Соња Карбева.

-Во збирката со творби наменети за децата, ,, Детски соништа ” се застапени шеснаесет автори. Покрај голем број афирмирани автори, можност да ги објават своите песни добија и многу млади, но надежни поети. Се надеваме дека соработката меѓу  уредничката на Издавачката куќа Збор, Емилија Златкова Анастасова и поетесата Милица Паулис ќе продолжи и понатаму и издавањето на антологиите ќе прерасне во убава традиција. Тие се можност и поттик, како за младите и нови автори така и за веќе докажаните, преку убавиот пишан збор, да го чуваат и да го негуваат нашиот бисерен, мајчин, македонски јазик, додаде Карбева.

Сопственичката на книжарница – кафе „Збор“, Емилија Златкова Анастасова, рече дека промоторите многу професионално ги претставиле двете книги.

-На промоцијата имаше околу шеесетина автори и гости. Промоторите многу професионално ги претставија двете книги и владееше топла и пријателска атмосфера. Авторите изразија желби ова да премине во традиција, издавачка куќа ЗБОР да организира настани со учество на повеќе автори за да се дружат и лично, додаде Златкова Анастасова.

Антологиите можат да се купат во книжарница – кафе „Збор“.

Стефани Манева

фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.