Новогодишна претстава за најмладите!
“Бал на куклите“ е новата театарска претстава што ја подготви театарот при Домот на културата “Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, премиерно изведена во пресрет на новата година.
Станува збор за комедија за деца со новогодишни мотиви. Најмладата публика уште на почетокот ја прифати со нескриено задоволство и интерактивно учествуваше во истата. Текстот и драматизацијата се на режисерот Александар Малинков, а покрај него настапуваат: Милица Гочевска, Диме Коцевски, Диме Боцев, Душица Настова, Валентина Ѓорѓиева, Видан Станоев, Софија Спирова, Снежа Карова, како и членовите на баледтското студио “Венус3″ под раководство на Билјага Грозданова –Ивановска. Изборот на музиката е на Марјан Тодоровски.
Претставата се базира на приказна во која во пресрет на Новата година, на гости кај земјаните доаѓаат посетители од Марс. Местото на случување е продавница за кукли на планетата земја во срцето на Тиквешијата во Кавадарци. Со својата моќ неканетите гости ги оживуваат куклите по што се развива дејствие во кое се случува “интер-галактички бал”. Додека марсовците се забавуваат со оживеаните кукли, обезбедувањето на продавницата незнаејќи што се случува предизвикува вистинска бркотница во потрага по непознатите субјекти. Во сета мешаница се вмешува и Дедо Мраз.