Васил Зафирчев со буто театарски танц за промоција на мултимедијалниот проект „Дневникот на хулиганот“ во Велес
Велешкиот актер кој прв ја постави на сцена јапонската буто танц театарска дисциплина вели дека во сабота, на 21 јуни, со почеток во 21 часот, велешани ќе уживаат во перформанс, што ќе го изведе на сцената на велешки театар. Зафирчев објасни дека не е воопшто лесен за изведба танц, затоа што во својата особеност буто – то се карактеризира со специфична појавност која почива на естетиката на грдото, која го забавува моментот до микро момент, го растегнува дејството до најмалиот миг видлив за човечкото око.
„ Тежок е за изведба затоа што трае кратко, страшно е набиено времето за изведба, набиена е емоционалната структура на перформансот . Тоа се многу универзални контексти сведени на микро моменти до само дванаесет или петнаесет минути и како вид на естетика во јапонската традиција секогаш се изведува на комплетно осветлена сцена и нема поклон,“ рече Зафирчев.
Тој со буто танцот се запознава уште во време на студиите по актерска игра во мастер клас на големиот мајстор и култен јапонски уметник на буто-то Кзу Оно, еден од основоположниците на оваа естетика. Танцот се појавил како реакција на атомската бомба во Хирошима и Нагасаки затоа што јапонските уметници сметале дека после тој чин човештвото не може да продолжи да создава иста форма на уметност како претходно.
„За жал Европскиот театар и традиција за антика ја сметаат само Грција и Рим меѓутоа во светски рамки антика е и Јапонија, Кина и Индија, тие источни форми на театар кои дури се и постари од грнсискиот и економискиот кој ние денеска го третираме. Така јапонските уметници по атомските бомби сметале дека неможе веќе да се третираат традиционалните форми како кабуки-то, но-театар од пекиншката опера и создавале една нова форма во која практично актерот е со избелено тело, поради белата боја која во источната традиција е боја на тагата. Тоа е едно искривено тело кое како нов цвет , во едни рушевини без сончева светлина се обидува да најде свое место под небото. Тоа се темите со кои се занимава буто танцот,“ рече Зафирчев.
Со буто-то всушност во сабота посетителите на изведбата на перформансот ќе бидат воведени во промоцијата на книгата „Дневникот на Хулиганот“ на Сашо Димовски.
„Хулиганот е напишан во дваесет и две глави, предговорот е на професорот Венко Андоновски а поговорот е на Васил Зафирчев. Третира четириесет и четири аспекти на една љубов, сто деведесет и три страници текст. Издавач е Култура,“ рече Димовски.
Всушност Дневникот на Хулиганот е мултимедијален проект во копродукција на Арт – Маркетинг и Тулип Про, работен според истоимената книга на Сашо Димовски. Проектот се реализираше во четири фази. Првата беше радиска, со епизоди осмислени како набиени емоционални пасажи врз авторска музика на Тања Рибарска што ги потпиша гласот на Васил Зафирчев. Втората публикувањето на книгата . Третата караван во чии рамки се промовира книгата преку буто- перформанс на Васил Зафирчев и четвртата, која следи, телевизиски формат со триесет и три епизоди со специфична видео поетика.