Велес, пет дена домаќин на фолклористи, пеачи и оркестри
Со дефиле низ градските улици утревечер старува 11-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал Велес 2014. Годинава учество ќе земат осумнаесет ансамбли од десет земји. Почнувајќи од утре па се до крајот на работната недела, велешани ќе живеат со традиционалните ора и песни на различни култури ширум светот.
Покрај македонските ансамбли, културно уметнички друштва и мажоретките, манифестацијата ќе ја збогатат уште десет ансамбли од Србија, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Русија, Турција, Израел и Италија. Фолклорниот фестивал ќе започне со традиционалното дефиле на учесниците низ улицита во градот.
„Веднаш потоа започнува свеченото отворање на единаесетиот фолклорен фестивал во амфитеатарот во Младинскиот парк, каде ќе настапат пет ансамли од различни земји,“ рече претседателот на организациониот одбор,Томе Јаневски.
Петте фестивалски вечери ќе се одржат во амфитеатарот во Младинскиот парк или во алтернативната локација, спорстката сала Гемиџии.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Велес да присуствуваат на оваа манифестација која полека но сигурно станува познат бренд и да уживаат во шареноликиот сплет на народни ора и песни од различни краеви на светот,“ рече Јаневски.
Според организациониот одбор, годинешното издание на интернационалниот фолклорен фестивал е со најбогата културно-уметничка програма досега./Д.С