Ла Манш снима спот во Сплит
Песната ни е сплитска затоа го избравме Сплит за локација каде ќе го снимиме видео записот за „Бонаца„, пред поаѓање од Велес ни рекоа членовите на групата „Ла Манш“. Владимир Тевчев, Роберто Панчевски, Борче Стојанов и Тодор Тодоров синоќа заминаа од Велес за Сплит заедно со режисерот на спотот Данчо Стефков и техничка екипа. Таму, на најубавиот дел од јадранското крајбрежје ќе ги чека авторот на текстот на песната „Бонаца“ и воедно менаџер на групата за Хрватска, Томислав Бузов. Инаку, композицијата заеднички ја изведуваат Жера и Ла Манш.
„Една од причините зошто Сплит е и тоа што тој е омилен град на режисерот Стефков. Во него постојат прекрасни локации на кои ќе се сними спотот. Сценариото на спотот има приказна која токму одговара на избраните локации. Снимањето ќе трае два дена ако дозволат временските услови. Се надевам дека ке го завршиме според планот за снимање. Според тоа што засега го знаеме, што ни го кажа режисерот тоа е интересна приказна во која не се појавуваме само ние и Жера туку ќе се вклучи манекенка, статисти итн,“ рече Тевчев.
„Нема да откриваме се однапред. Значи станува збор за приказна во која ќе се појават овие момчиња, една девојка, мирно море и засега толку. Приказната ке ја снимаме на повеќе локации, кои ние од претходно добро ги познаваме, но можно е да ги смениме откако ќе стигнеме таму доколку откриеме нешто ново што Сплит го добил во меѓувреме,“ рече Стефков.
Пред три години токму во Сплит Роберто Панчевски ја создаде музиката за песната „Бонаца“. Потоа ја слушнаа и останатите членови на групата. Заедно одлучија да создадат првична верзија за која текст напиша Томислав Бузов а потоа се случи и соработката со Жеро.
„Првата верзија ја создадовме во 2013 година а потоа ја исполнивме желбата на Жера и еве годинава влеговме во студио и заедно ја снимивме „Бонаца“. Јас сум автор на музика а Роберт Трајков на аражманот,“ рече Панчевски.
Очекувањата и на останатите членови на групата се дека видео спотот ќе биде убав затоа што во неговата подготовка и реализација учествува квалитетна велешко сплитска екипа составена од сниматели, светло мајстори, шминкери, манекени.
„Со здружени сили ќе создадеме квалитетен видео запис кој потоа ќе се врти на МTV Adria, CMC i Jugoton каналите. Секако ќе го понудиме и на македонските телевизиски канали. Пред пет дена песната беше промовирана на најслушаното национално радио во Хрватска, „Народни радио“ со тоа што Жера беше гостин во студио а Бузов учествуваше преку телефонска врска. „Бонаца“ беше одлично промовирана и потоа според информациите што ние ги добивме пред Ла Манш само Влатко Стефановски, Тоше Проески и Калиопи имале свои промоции на ова радио,“ рече Стојанов.
„Очекувам дека ќе ги исполниме очекувањата и како македонска група ќе бидеме препознатливи со тоа што ќе снимиме спот надвор од границите на нашата држава. Ние сме препознатливи по тоа што умееме да создадеме добра атмосвера, одамна сме заедно и ке дадеме се од себе,“ рече Тодоров.
Со членовите на групата Ла Манш разговаравме пред поаѓање за Хрватска. Според најавите, во среда и четврток, се закажани снимањата на видео записот во Сплит. По враќањето веднаш ќе започне монтажата на спотот.