На виолина изградена од Богданоски синоќа музицираше маестро Џорлев во Велес
Mакедонски изворни песни и обработки изведе синоќа квартетот на маестро Зоран Џорлев пред љубители на овој вид музика во Велес. Голем број на велешани уживаа во концертот што се одржа во амфитеатарот на Младински парк. Џорлев не пропушти да каже дека почетоците на неговата професионална кариера се поврзани со Велес бидејќи музицира на виолина изработена од велешанецот, градител на виолини Светозар Богданоски.
„И вечерва пред публиката во вашиот град музицирав на виолината што ја создаде Богданоски,“ рече маестро Џорлев притоа потенцирајќи дека инструментот, еден од двата што ги има и се изградени од велешкиот градител, е врвен според светските стандарди а тој е горд што ги има.
Концертот на маестро Зоран Џорлев беше дел од манифестацијата „Топол културен бран“.
„ Среќен сум што и јас како солист учествувам и сум дел од овој значаен културен бран, манифестација која прерасна во уште поголема манифестација,„ рече Џорлев.
Синоќешниот концерт, организиран од министерството за култура и општина Велес, беше трето гостување на Џорлев во Велес. Претходно тој има гостувано на концерт на Танец и со самостоен концерт во рамките на поетската манифестација „Рацинови средби“. /Д.С