Студенти истражуваа во археолошкиот локалитет „Стоби“
Две интернационални работилници за конзервација на керамика и на мозаик, паралелно се одвиваа во јуни годинава во археолошкиот локалитет „Стоби“ во соработка со фондацијата „Балканско наследство“. Учесниците работеа на копии и автентични римски садови. Работилницата за конзервација на мозаици беше реализирана заедно со втората фаза на проектот за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика. Проектот опфаќаше лиење и поставување на алуминиумско саќе на мозаикот од нартексот кој беше изваден во 2012 година. Како дел од овие два проекта, беа одржани и уште две помали работилници за конзервација на стаклени садови и фрески.
Како што соопштија од Националната установа „Стоби“ , во јуни и јули биле реализирани и ископувања на Западната некропола и Театарот како дел од капиталните проекти за археолошки истражувања, финансирани од Владата. Со ископувањата на некрополата биле откриени 51 гроб од пвиот до третиот век од нашата ера. Наодите покажале дека покојниците биле кремирани и имале гробни прилози, како керамички садови, светилки, стаклени садови и бронзени монети. Како посебно интересен, НУ Стоби го издвојува гробот во кој кремираните остатоци биле поставени во оловна урна.
Ископувањата во Театарот се одвиваа во мал дел на централниот циркуларен коридор при што беа истражувани подни нивоа од доцната антика (5-6 век) кога објектот не бил во функција, а неговите ѕидови и коридори биле искористени во рамките на куќите подигнати на овој простор..
Како трет проект од соработката со фондацијата „Балканско наследство“ била интернационална археолошка школа, која се одржала од 29 јуни до 28 јули. На неа учествувале 16 учесници од повеќе земји, главно од САД и од Канада.
Ископувањата биле на просторот помеѓу Тедосијанската палата и т.н. „Затвор“. Била истражена една од подоцнежните соби на палатата која во текот на 6 век била поделена на два дела. Откриени се фрагменти керамика, животински коски, фрагменти од стакло, бронзени монети, мала мермерна скулптура со претстава на голо машко божество и една железна стрела.
Останатите пет проекти, финансирани од Годишната програма на Министерството за култура, ќе бидат реализирани во следните месеци.
– Двата проекта за конзервација на метални предмети и стаклени садови ќе отпочнат во текот на август, додека ископувањата во делот на Храмот на Изида ќе се одвиваат во текот на септември. Проектот за конзервација и реставрација на Театарот ќе продолжи на почетокот од септември и ќе трае до крајот на ноември, информираа од НУ Стоби.
Од таму информираат дека за оваа година е предвидена конзервација и реконструкција на сводовите од тули на централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следи конзервацијата и реконструкцијата на лежиштата за седишта.
Се очекува до 2015 година Театарот да биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта во источната половина. Последниот проект за 2014 година предвидува враќање на мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика. Подготовките за реализација на проектот ќе почнат на 15 август