Втор дел на ликовна колонија „Вила Тодоров“ на Кожув планина
Учествуваат четиринаесет ликовни уметници од Македонија и Србија кои инспирирани од колоритот на боите кои ги има планината ќе создаваат нови ликовни дела. Сите се задоволни од условите за претстој што им ги нуди „Вила Тодоров“.
Координаторот на колонијата, ликовниот уметник Ива Јосифова рече дека ќе се создадат многу квалитетни дела, бидејќи учествуваат докажани ументници од повеќе градови во Македонија и од Србија.
„Само еднаш сум бил на ова планина пред седум години. Бев воодушевен од убавините на просторот и со задоволство прифатив да бидат учесник на колонијата. Ме радува што гледам нови луѓе со кои не се познаваме. Не е она постојана екипа тука од Македонија и верувам дека ќе биде многу добро“ рече Кирил Казанџиски, ликовен уметник од Штип.
Кон крајот на јуни, во првиот дел од колонијата, учестуваа десетина млади ликовни уметници од Македонија. И тогаш главна инспирација на уметниците им беше Кожув. Создадоа уметнички дела кои пред културната јавност ќе бидат достапни заедно со делата од вториот дел од колонијата на изложба која ќе биде отворена во почетокот на септември./А.Д