Изложба на фотографии „Светскиот пожар“ во Ликовен салон во Велес
Од фотографии, документи и пишувани материјали кои ги собрале граѓански здруженија на Руси кои живеат во Македонија и ги отстапиле или подариле амбасадите на Русија, Англија, Соединетите Американски Држави, Италија, Бугарија и други е подготвена изложбата на фотографии „Светскиот пожар“ што е поставена во Ликовниот салон во Велес. Ја организираа Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и Меѓународниот Славјански Универзитет.
Без разлика што земјите во Европа војувале едни против други сега сите знаеме дека тоа била голема трагедија за сите бидејќи десетици милиони луѓе загинале или останале инвалиди, рече на синоќешното отворање на изложбата Александар Кривошеев од Аташето за култура на Руската амбасада во Македонија
„Секој што владее со разум, разумен човек кој посакува мир за своите деца, знае дека разногласието треба да се решава со разговор и наместо со оружје со преговори. И сега светот е исполнет со неспокојства, како и пред сто години, должни сме да не ги заборавиме тие времиња и да не ја заборавиме старата руска поговорка која вели: Лошиот мир е подобар од лоша караница. Должни сме да ги помниме сите загинати во Првата Светска Војна , независно од која држава се, да ги научиме лекциите од историјата и никогаш да не ги повторуваме грешките за изгубени животи на цели семејства и поколенија,“ рече Кривошеев.
Со изложбата се одбележува 100 годишнината од почетокот на Првата Светска војна и преку неа се испраќа порака дека војната не е добра ни за победниците ниту за поразените. По поставувањето во Универзитетската библиотека изложбата преку Велес ќе го продолжи својот пат до останатите македонски градови.
“Изложбата организаторски е поддржана и од Сојузот на руско – македонски друштва, освен од амбасадата на Русија во Македонија и Меѓународниот Славјански Универзитет,“ рече претседателот на Сојузот на руско македонски друштва,Јордан Ѓорчев.
Изложбата е составена од дваесеттина паноа на кои се прикажани дел од земјите учеснички во Првата Светска војна, независно од која страна нивните граѓани учествувале. На отворањето присуствуваа голем број на велешани. Изложбата во Ликовниот салон во Велес ќе биде отворена до петок./Д.С