Велес викендов домаќин на стрип уметноста и уметниците од Европа
Со доделувањето на првата награда „Златен Стрип“ на Саша Арсениќ од Србија, втората награда за сценарио на Александар Стеванов и Марко Стојановиќ а за цртеж на Кирси Салонен и Синиша Бановиќ како и третата награда за сценарио на Виктор Шауер и Денис Војда и за цртеж на Михаел Петрус и Себастијан Скробл синоќа во Велес започна 12-от Салон на стрип „Велес 2014“. Годинава наградата на Стрип Центарот на Македонија за сценарио и цртеж ја доби Ангела Пацентини, само за сценарио Предраг Ѓуриќ и само за цртеж Франческо Конте. Седумгодишниот Марко Миладиновиќ од Србија е добитник на наградата за најмлад учесник додека наградата во категоријата до осумнаесетгодини ја доби Ања Тановиќ од Србија.
Сите учесници годинава работеа на ориентационата тема „Позитивни јунаци“, а нивните дела ќе бидат објавени во специјален број на ревијата „Стрип креатор“, како и на веб сајтот www.comicscenter.mk.
На свеченото отворање на 12-тиот Салон на стрип во Ликовниот салон, синоќа, специјално признание за развој на светскиот стрип за годинава му беше врачено на Ервин Рустемагиќ од Словенија, автор на првата стрип ревија „Стрип арт“ на просторот на поранешна Југославија .
Годишното признание за развој и афирмација на македонскиот стрип, именувано според прерано починатиот Љупчо Филипов, го доби стрип книжарницата „Бункер“ од Скопје.
Кон традиционалните помагатели на Стрип салонот, општина Велес и министерството за култура, годинава, се приклучи и Фондацијата „Принц Клаус Фонд“ од Амстердам, Холандија преку проектот „Ново балканско пријателство“. Манифестацијата сретствата ги обезбеди за зајакнување на стрип културата во балканските земји, создавање и развој на мрежа на стрип автори и здруженија од земјите кои не се членки на Европската унија. Генерално Стрип салонот се очекува да поттикне подобри можности за делување на стрип творците и организациите кои делуваат во овој домен.
Во истовреме со свеченото отворање на годинешниот Стрип салон, во холот на Ликовниот салон, започна да работи и стрип берзата. Денеска добитникот на специјалното признание за развој на светскиот стрип Ервин Рустемагиќ, со почеток во 11 часот, ќе одржи предавање на тема „Како да се продаде стрипот?“. Потоа за Стрипот во дигиталната ера: редефинирање и преосмислување ќе говори доц. д-р Бошко Караџов научен советник при Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро – Балкан“. За време на Салонот, што ќе трае до недела 19 октомври, ќе работи стрип работилница. /Д.С