Промовирана „Извори на животот“, четвртата стихозбирка на м-р Божидар Јовиќ
Во Ликовниот салон во Велес, во средата вечерта на 24 октомври, беше промовирана четвртата поетска збирка на м-р Божидар Јовиќ со наслов “Извори на животот“. Откако пред година ипол тој на љубителите на прозата им подари прозно дело во него се чини дека поетското не можеше предолго да молчи пред налетите на стиховите во неговата разбранувана поетска појава. Пројавата во повеќе жанрови е разбирлива и логична со оглед на талентираноста и способноста на Божидар како автор да се размавне со своето перо и со своевидна леснотија да твори и книжевно да егзистира на повеќе книжевни полиња, рече пред присутните писателот м-р Игор Крајчев, директор на библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.
-Зар има нешто кое во исто време е и толку комплицирано е и толку величествено а е доволно вредно за да се испее цела низа стихови, отколку животот. Животот со сите свои подеми и падови, со сите ѕвездени и правливи мигови, со сите насмеввки и солзи е оној неисцрплив, непресушен бунар од кој црпи поетската душа на Божидар Јовиќ. Неговата сензитивна поетска рака ја регистрира реалноста која опкружува и истата ја пресликува низ стихови, праќајки ја притоа низ себеси во светот, рече м-р Крајчев.
Тој додаде дека поетот со сиот свој книжевен и емпириски габарит како да сака уште еднаш, веројатно под влијание на учителот кој никогаш не отстапува од својот принцип да поучии посоветува за клучните , за најважните работи во животот: мудрост, однесување, знаење, работа,татковина,одговорност,вистина на кои им посветува стихови и цели песни за да створи трага кај читателот дека секоја тема е своевиден извор на животот.
Првите честитки за издадената четврта стихозбирка авторот ги доби од своите колеги од Клубот на писатели „Кочо Рацин“ и од уредникот Сашко Ристовски што лично му ги пренесе поетесата Јасмина Ѓоргиева.
– Ми преставува особено задоволство што денеска го проценив животот од друга страна. Настојувајќи и ослободувајќи се од подготовката на стручна литература да навлезам во сопствениот живот, што значи едно друго гледање на себе си, на просторот, на луѓето, на довербата, на достоинството, на љубовта. Се ова преставува вистинска љубов, доверба, откривање на спознанијата, на среќата, на почитта, на животот, на работата. Се ова значи да се отвори нов простор во поезијата, рече авторот м-р Божидар Јовиќ.
Неговиот поетски лиризам е распослан во редовите од стихови што ги содржи стихозбирката „Извори на животот“ и ги чека читателите.
М-р Божидар Јовиќ е автор на повеќе стручни дела од областа на образованието и педагогијата, на еден роман и на четири стихозбирки./У.Ј