Самостојна изложба на слики, промоција на публикација и промоција на видео на Мице Јанкуловски Мицко
05.02.2021
Мултимедијалниот уметник што креативната енергија преку своето педесет годишно творештво составено од цртежи, слики, карикатури, анимиран филм, сатирично и сликарство на стакло го сподели со јавноста преку повеќе медиуми излага и во Ликовен салон во Велес.
Диполомираниот архитект на Архитектонски факултет во Скопје, Мице Јанкуловски, на изложбата прикажува дела од последната или најнова фаза Форма три од творештвото.
-Тоа е творештво од животниот пат што го минал. Во фаза еден тој слика органски форми во затворени системи, во разни бои, кога создава триптих од 8,5 метри со 464 бои. Значи секоја органска форма е со различна боја. Штом ја наслика таа слика започна да слика само со црна боја како да ги потроши сите можни бои. Потоа сликаше детали на мали и големи платна. И сега во Форма 3 не само што ги отфрли боите туку и четките за на дебел слој од акрилна или маслена боја интервенира со разни алатки како чешли за коса, со гребла, со прсти, со шпатли и на тој начин ја предизвикува сензацијата што единствено може да се доживее со адекватна светлина. Светлината е дел од сликата. Во зависност од кој агол ја гледаш во зависност од тоа како светлината паѓа врз сликата различни се сензациите, формите што се гледаат, рече Корнелија Конеска извршен директор на „Остен“ и куратор.
Оваа фаза од творештвото на Јанкуловски се карактеризира со монохромност, со мултипликација на една боја и разни форми како и повеќе платна во полиптиси поточно поголемо дело. Неговите формати се секогаш претходно обмислени, еден влегува во друг како модули и на тој начин ги создава поголемите дела. Тој го практикува и минимализмот кога со помал број на елементи го прикажува тоа што сака да го каже и пренесе, концептот и содржината.
Една изложена слика во Ликовен салон Јанкуловски ја создал од 11 парчиња и 500 кругови.
-Таа беше на „АртТесалоники“ изложена во Солун, минатата година, со која ја добив највисоката награда „ЕлГреко“.Сликата е со димензии 21,45 метри . Сите 11 слики ги создавав без прекин, шест или седум дена, без спиење. Меѓу омилените ми е и втора, составена од 11 парчиња со големина 195 на 195 посветена на петсто годишнината на Леонардо Да Винчи за која ја добив наградата „Лоренцо Ил Мањифико“ на Биеналето во Фиренца што е пандан на филмски Оскар 2018 на Кипар, рече авторот Мице Јанкуловски.
Во рамки на отворањето на изложбата, вчера вечер, во Велес академскиот сликар Спасе Перовски ја промовираше монографијата „Мице Јанкуловски Мицко“ на која и претходеше и видео проекција на творештвото на овој врвен македонски уметник.
Неговата биографија вклучува повеќе од педесет самостојни изложби дома и во светот, како и забележителни претставувања на меѓународни манифестации и биеналиња, како што се Санкт Петерсбург, Солун, Торино, Фиренца, Венеција, Ларнака, Варна итн.
Како признание за неговата работа, тој е наградуван со престижни награди, меѓу кои се: Наградата „Ел ГРЕКО“ за најдобар уметник на АртТесалоники 2019, Грција; Наградата „Лоренцо Ил Мањифико“ за животно остварување на Фиренца Биенале 2019, Италија; Наградата „Уметник на светот“ на Ларнака Биенале 2018, Кипар; ГРАН ПРИ на 19-то Меѓународно графичко биенале Варна 2017, Бугарија; ГРАН ПРИ (во 1997) на Светската галерија на карикатури Скопје; Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 1985 година и многу други.
Мице Јанкуловски е уметник со специфична појава, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати. Неговата уметност зрачи со хармонија, убавина, мир и сочувство. Таа е резултат на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележително воздржани, далечни и тивки, делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелните пораки кон вечноста.
Убавка Јаневска