Граѓаните продолжија со бербата на печурки во Азот задоволни од собраните количини
Над 150 тони печурки собраа жителите на селата Теово, Бистрица, Согле, Мокрени, Ореов дол, Ореше, Богомила и Црешнево. Меѓу редовните собирачи и годинава беше Борче Велковски од селото Теово. Тој вели дека родот бил квалитетен и од вкупната количина само десеттина тони биле откупени како сушени.
„Не паметам досега да сум набрал толку многу печурки. Околу илјада килограми предадов и задоволен сум од заработувачката. Ако годинава не беше наклонета за земјоделие тогаш за печурките беше добредојдена“.
И собирачите и откупувачите биле задоволни. Годинава најголемите количини на собрани печурки се од сортата „врган“. Откупувачите стартувале со цена од 200 денари за килограм, потоа ја намалиле за 50 денари, па за половина од почетната и деновиве даваат цена од 70 денари за килограм. Тие имаат отворени откупни пунктови во сите поголеми села во богомилскиот реон па така на собирачите не им било тешко веднаш по бербата да ги предаваат количините.
„Во почетокот, кога цената беше висока, печурките ги предавав веднаш по бербата. Подоцна кога ја намалија продолжив со собирањето и ги сушев. За килограм сушени печурки откупувачите дадоа цена од 1.000 до 1.200 денари за килограм. Успеав да исушам шеесетина килограми, а има луѓе кои имаат печки за сушењеи тие веќе предадоа и по 300 килограми“, вели Велковски.
Тој вели дека деновиве групи од граѓани ,секојдневно, берат врган, јајчарки и лисичарки како и печурки кои растат покрај стеблата во боровите шуми, што сега ги има најмногу.
Ако продолжат дождовите и топлото време тогаш и бербата ќе продолжи. /С.А