Француските пријатели на Македонија во Велес го одбележаа меѓународниот ден на Алзашаните
Француските пријатели на Велес, од Асоцијацијата „Алзас – Македонија –АЛМА“ и хуманитарната организација „Надеж на истокот“, освен што донесоа хуманитарна помош за велешани синоќа во нашиот град го прославија и меѓународниот ден на Алзас.
24 јуни, меѓународниот ден на областа Алзас во Република Франција се одбележа во хотел „Романтик“ на велешко езеро „Младост“. Домаќин беше големиот пријател на Македонија и на Велес Жак Шлеф претседател на Асоцијацијата „Алзас-Македонија -АЛМА“.
– Досега се залагав за промоција на Велес во Алзас и во Франција но од сега ќе се залагам за промоција на Велес во светот. Донацијата што денеска ја донесовме немаше само хуманитарен карактер. Нашата цел беше да го запознаеме Велес повеќе и срцето на Македонија. Сметам дека Велес и Македонија имаат вистински адути што светот треба да ги дознае. На овој начин, преку донацијата, видовме дека овде луѓето навистина не прифаќаат. Не прифатија нашите пријатели, работеа заедно со нас. И мислам дека успеавме да го донесеме европскиот дух што во Македонија е во зародиш а ние заедно ќе работиме за да го унапредиме, рече Шлеф.
Од летната тераса на хотелот беше воспоставена видео врска и директно вклучување во онлајн програмата во Стразбур во празничен телевизиски формат во кој беа вклучени освен домаќините и уште неколку земји во светот во кои живеат и работат пријателите на граѓаните на Алзас.
Меѓународниот ден на Алзашаните од Македонија им го честиташе градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Настап имаше и КУД „Коле Неделковски“ преку презентирање на македонската народна песна пред граѓаните на Алзас.
На „Вечерта на Алзашаните“ за преставник на Асоцијацијата „Алзас-Македонија -АЛМА“во Велес и во Македонија беше именувана Јадранка Стефкова, вработена во Општина Велес.
-Ме изненадија почитуваните француски пријатели со признанието што го добив. Тоа е плод на континуирана 15 годишна соработка со Асоцијацијата „Алзас – Македонија –АЛМА“. Се надевам дека во иднина ќе го оправдаме тоа признание со нови проекти и со нови активности. Навистина ова вредно пријателство не треба да згасне. Се надевам дека ќе вклучуваме што повеќе организации, луѓе, волонтери во нашите активности се со цел она што Жак Шлеф го кажа вечерва да го донесеме европскиот дух, духот на Алзас во Македонија, рече Стефкова.
Вчера вечер, присутните претставници од институции и организации во Велес, членови на Ротари клуб -Велес, професори по француски јазик како и француски државјани кои живеат во Велес имаа можност да ги дегустираат пенливите вина од Алзас како и вината на македонските винарии „Шато Сопот“ и „Тристо“.
Убавка Јаневска