(ОБНОВЕНО) Триесет дневен притвор за малолетниот син на застреланата Ѓулизера М од Градско
13: 30 – Убиството на педесет и едно годишната Ѓулизера М се случило во петокот вечерта, околу 21 часот, во семејната куќа на улицата „Маршал Тито“ во Градско. Тогаш седумнаесет годишниот син на починатата жена од дневната соба ја зел ловната пушка калибар 12мм,што неговиот татко ја поседувал со дозвола, и во еден момент испукал еден истрел во пределот на вратот на мајката. Застреланата Ѓулизера починала на лице место.
„Во моментот кога настанот се случил во куќата покрај седумнаесет годишниот малолетник и сега починатата имало уште две лица а неговиот татко бил отсутен во моментот,“ рече портпаролката на СВР Велес Анита Стојковска.
Потоа очајно и избезумено момчето истрчало од дома и стигнало до кафеаната на татко му за да го информира што се случило кај нив дома.
Случката била пријавена во полиција по што малолетникот е веднаш приведен и задржан во просториите на СВР Велес. Тој со кривичната пријава за сторено кривично дело убиство утринава е изведен пред надлежен судија кој му одреди мерка притвор во времетраење од 30 дена.
По наредба на Јавен обвинител телото на починатата Ѓулизера ќе биде пренесено во Институтот за судска медицина заради вршење обдукција./У.Ј
09: 12 – Педесет и две годишната Ѓулизара М била застрелана од ловечка пушка синоќа околу 21 часот, во Градско. Жената починала на лице место.
Семејната трагедија се случила во домот на Ѓулизара во моментот кога малолетниот син О.М ја преместувал пушката од една во друга соба.
Информацијата ја потврди портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска. Таа за подоцна најави повеќе детали околу немилата случка./У.Ј