Каснат маж од змија по 12 часа поминати во Општа болница Велес пуштен на домашно лекување

Седумдесет и четири годишниот Ј.Д, вчера, околу 20:50 часот, бил каснат за ногата од змија кога отишол да се измие на чешмата на семејниот двор во велешкото село Бањица. Според неговото кажување тоа било поскок и неговите блиски со автомобил веднаш тргнале кон Велес за да не губат време.
-Добиен е повик во 20:55 часот за лице каснато од змија поскок и пресретнато е кај село Клуковец. Третиран е со антивиперинум серум и останата потребна терапија и пренесен е во ЈЗУ Општа болница Велес, рече д-р Василка Поп Стефанова Панова, началник на Итна помош на Здравствен дом Велес.
Здравствената состојба на пациентот по 12 часовно набљудување на Интерно одделение била добра и по консултативниот преглед на Инфективно одделение пуштен е на домашно лекување.
-Пациентот Ј.Д (74) на Интерно одделение во Општа болница Велес е донесен вчера вечер околу 21:00 часот. Бидејќи колегите од Итна помош на Здравствен дом го донеле веќе истретиран со серум против змиски отров на одделението му е аплицирана останата терапија и следена е неговата здравствена состојба во текот на ноќта. Утрово Ј.Д е пренесен и на Инфективно одделение каде е извршен консултативен преглед од лекар, специјалист Инфектолог. Даден му е антитетаничен серум и бидејќи здравствената состојба му е добра, двата тима на лекари поточно интернисти и инфектолози одлучиле да биде испратен на домашно лекување. Најверојатно, во овој трет случај на каснување на пациент од змија не станува збор за змија отровница или пак била змија од чие каснување не е испуштена голема количина на отров, рече д-р Весна Николовска Неделкова, специјалист Кардиолог и началничка на Интерно одделение.
И покрај тоа што велешка Болница и велешки Здравствен дом имаат количини на серум против каснување од змии лекарите повторно ги предупредуваат граѓаните да бидат особено внимателни каде и како се движат.
Апелираат кон жителите во селата, што исто така е важно и за жителите во Велес, Чашка и Градско, да практикуваат носење на долги здолништа, панталони или тренерки, блузи со долги ракави како горен дел на гардероба и задолжително чорапи во по високи обувки кога излегуваат од своите домови со намера да се движат во природа. Задолжително да се носи дел од дрвја, стап или предмет што може да послужи за одбрана од змии. Земјоделците да си обезбедат и нараквици на рацете за било каква работа во ниви и градини.
Стефани Манева
