Зголемена подршката од општината за станарите кои ќе менуваат фасада на зградите

Објавено на 26 февруари, 2016 во 14:54

Со 10 гласа „За“ , 7 „против“ и 1 „воздржан“ советот на општина Кавадарци во рамки на 41 седница го усвои правилникот во кој се содржани критериумите и условите по кои општината ќе дава подршка на станарите од колективните згради за реконструкција на фасадите.

По однос на оваа точка, дел од советниците побараа да се зголеми помошта  што ја дава општината на станрите,  од 20 на 40 отсто, а амандманот од градоначалникот Александар Панов беше поршката од 20 да се зголеми на 25%. Неговиот предлог ја доби подршката од мнозинството.

Советникот од СДСМ, Горан Белевски изнесе пример дека други општини давале многу поголема подршка за енергетска ефикасност. Посочи дека во Струмица фасадите ги реконструирале приватни компании кои потоа барале простор од фасадите за рекламирање, а друга општина пак им давала 50 отсто подршка од вкупната сума за енергетска ефикасност на станарите. Предложи и Кавадарци да ја зголеми подршката на 40отсто.

Со ист став беше и советничката Божанка Минова од ГРОМ. Побара да се зголеми процентот на подршка преку ребаланс на буџетот. Советникот Ристо Сакалиев  побара да се каже колку ќе ја чини општината таквата подршка. За советникот Ташо Радњански ваквата подршка не е рамноправна за сите граѓани. Според него неправедно е да се подржува инвестиција на дел од граѓаните кои живеат во колективни згради во центарот на градот. Смета дека и останатите граѓани кои вршеле реконструкција на фасадите и поставувале енергетски ефикасни да добијат 25% подршка од општината. Радњански рече дека нема да  подржи ваква одлука со која само дел од граѓаните добивале привилегија од општината.

За начините и условите по кои се распределуваат парите за подршка од општината образложение даде раководителот на секторот за локален економски развој, Тодор Ефремов.

Тој нагласи дека изготвен е правилник  во кој се содржани условите, а потоа се распишувал оглас на кој станарите од колективни згради доставувале барања за финансиска подршка доколку имале одлука на куќен совет да извршат реконструкција на фасадата.

„Најголем дел од средствата се пари на станарите преку позајмица од ХАБИТАТ. Општина Кавадарци во буџетот има испланирано 800 илјади денари за оваа намена“ рече Ефремов.

Проектот за кој се однесува правилникот што го усвои советот на општина Кавадарци опфаќа поставување на термоизолациони фасади и кровни конструкции на станбените згради за колективно домување, а во насока на подобрување на животниот стандард на семејствата со ниски примања. Веќе во Кавадарци се реконструира фасадата на една зграда на улицата „Пано Мударов“, а интерес има и кај други станари за овој проект./A.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.