Куќа на вкусовите и мирисот- нов музеј во Кавадарци
Забрзано во Кавадарци се работи на изградба на новиот музеј. Целосно се реконструираат просториите на поранешниот младински дом.
Имено се работи за проект кој носи наслов “Гастрономските патишта на Кајмакчалан-Кајмак“ за кој општина Кавадарци доби 70.000 евра. Партнер на македонската и е општина Воден од Република Грција во рамките на прекуграничната соработка од ИПА програмата на Европската Унија.
Со овие пари се реконструира поранешниот младински дом, поточно покривот, столаријата, санитарните јазли како и целокупниот ентериер.
Општина Кавадарци дополнително издвои уште 1.400.000 денари се со цел да обезбеди услови за поквалитетна изградба. Проектот, изработен од архитекти и градежници од локалната самоуправа, ќе обезбеди автентичност на објектот.
Штом се заврши ќе се вика „Куќа на вкусови и мирис“, во која ќе бидат сместени музејска поставка со стари садови, машини и алатки за производство на традиционални тиквешки јадења. Исто така ќе има место и за поставка на артефакти и музејски експонати поврзани со историското и културно преродбеничкото минато на Кавадарци. Автори ќе бидат кустоси, етнолози и историчари на Градскиот Музеј-галерија Кавадарци.
