Во Кавадарци ќе се гради пазар и деловно трговски центар
За годинава во програмата за развој на општина Кавадарци се планирани неколку капитални проекти кои треба да ги подобрат состојбите во градот и општината. Меѓу планираните такви проекти е и изградбата на градски пазар со деловно-трговски центар.
Проектот опфаќа покрај пазарот и подземен паркинг и деловен трговски центар. Како што нагласуваат од секторот за локален економски развој, со овој проект треба да се намали проблемот со паркирањето во централното градско подрачје, ќе се овозможат нови локации за вршење трговско-стопанска дејност и осовременување на градскиот зелен пазар.
Вкупната површина на овој објект изнесува 14.405 метри квадратни од кои 2867 квадрати подземна гаража, пазар со површина од 2755 метри квадратни. Првиот кат се планира со површина од 2878 квадрати, а вториот кат со 2947 квадрати и подкровје од 2958 метри квадратни.
„Со овој проект ќе се добијат 89 нови деловни единици и тоа 31 деловна единица на приземје, 21 на првиот, 32 на вториот и 5 деловни единици на поткровјето“ велат од секторот за локален економски развој.
Општината овој проект ќе го реализира преку јавно приватно партнерство во неколку фази, а првата ќе отпочне годинава. Финансиски овој проект е проектиран на околу 7 милиони и 100 илјади евра./A.Д