Воведување на нови струки побара наставниот кадар во шумарското училиште во Кавадарци
За да се привлечат поголем број на ученици и да стане повторно атрактивно, наставниот кадар при СОЗУШ „Ѓорче Петров“ од Кавадарци од локалната самоуправа побара одобрување за воведување на нови струки.
-Еден од образовните профили кои би можеле да ги воведиме во нашето училиште доколку добиеме нели дозвола за тоа, е фармацевтски лабораториски техничар. Целта ни е да го зголемиме интересот за нашето училиште и секако бројот на учениците кој сега ни е намален. Се надеваме дека тоа ќе го постигнеме со атрактивни струки , рече директорката на училиштето Божанка Минова.
Нивното барање од страна на градоначалникот на Кавадарци Александар Панов е препратено до министерството за образование и наука и се чека одговор дали некои од бараните струки ќе бидат и одобрени.
„Во моментов училиштето работи со значително намален број на ученици. Во една паралелка има по 16 ученици и наставата се изведува со согласност од локалната самоуправа. Мора нешто да се смени за да се зголеми бројот на учениците. Предлогот на наставниот кадар сметам дека е издржан“ рече Панов.
Досега во ова училиште се образуваа земјоделски и шумарски техничари.