СДСМ Кавадарци: „Проверете дали ве има во избирачкиот список“
Општинската организација на СДСМ Кавадарци денеска јавно ги повика кавадарчани да извршат увид во избирачкиот список со цел да проверат дали на претседателските избори во април ќе можат да го остварат своето избирачко право.
„Ве повикувам секој да го провери своето избирачко право во текот на овие 20 дена. Да не дозволиме повторно да ни се случи неправедното и неоправдано бришење од избирачкиот список, кое беше чест случај на минатите избори. Секој има право да гласа онака како што е определен“ рече Бетиан Китев.
Тој нагласи дека СДСМ и здружената опозиција ќе предложеле кандидат кој ќе бил вистински лидер на државата,човек прифатен од сите етнички заедници, достоен и подготвен да ја води Македонија наредните пет години.
„Денес Македонија се соочува со бројни и тешки проблеми на сите полиња. Проблеми кои не трпат одлагање и кои мораат да бидат решени. Економско-социјалните состојби во земјата се влошуваат во подолг временски период, кризата на почетокот се игнорираше, потоа се третираше како наша голема шанса за да денес се користи како изговор за се и сешто а најмногу за да не се презема ништо. Одговорноста за состојбите во секоја држава и припаѓа пред се на власта. Со својата одговорност, порано или подоцна ќе мора да се соочи и актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ“ рече Китев./A.Д