Превентивни акции за прописно паркирање во Кавадарци
Кавадаречката полиција денеска два часа спроведуваше превентивна акција во централното градско подрачје во делот на непрописно паркирање.
Се предупредуваа возачите кои паркираа во зона на раскрсница, на обележан пешачки премин, места означени за паркирање на инвалидизирани лица, двојно или паралелно паркирање. Овие возачи за прекршоците добија покани за сообраќајни поуки, а оние со потежок прекршок и писмени предупредувања.
“Целта на ваквите контроли е преку превентивно дејствување и преземање на мерки и активности, да се подигне сообраќајната свест и култура кај учесниците во сообраќајот, особено кај категоријата возачи на патнички моторни возила, како учесници во сообраќајот кај кои најчести се прекршоците кога станува збор за непрописно паркирање“, рече инспеинспекторот за превенција Благица Кицева.
Од кавадаречката полиција нагласуваат дека мора да се овозможи проточен и безбеден сообраќај за сите учесници во сообраќајот во централното градско подрачје.
„Со редовно превземање на вакви превентивни мерки и активности од речиси сите области на сообраќајот очекуваме да се придонесе во одржување на стабилна состојба“ , смета самостојниот инспектор за превенција по сообраќај Диме Точков.
Немањето доволно паркинг места во Кавадарци повторно се чувствува за време на пазарните денови, среда, петок и недела. Од Локалната самоуправа неодамна рекоа дека проблемот со паркирањето ќе биде ублажен со изградбата на катна гаража во центарот на градот и со зонското паркирање./А.Д