Работата на општина Кавадарци денеска ја анализираа советниците, опозицијата обвини за слаба реализаиција на буџетот
Финансиските документи кои ја покажуваат работата на локалната самоуправа Кавадарци денеска беа дел од 29 те точки на дневен ред за работа на кавадаречкиот совет.
Oпозицијата го обвини градоначалникот за слаба реализација на буџетот и неисполнување на голем број ветени проекти од изборната програма во 2009 година.
Советникот од СДСМ Зоран Бањански обвини за промашување на приходите во буџетот за 21 отсто и рече дека тоа ја покажувало вистинската економска состојба во земјава. И неговиот колега Горан Белевски обвини за слаба реализација на буџетот. Го праша градоначалникот „каде била новата зграда на противпожарната станица, градинката во Ваташа, новиот пазар, катната гаража, доизградбата на кејот и плоштадот“. Според него имало многу поважни проекти за реализација отколку изградба на споменици.
Советничката Милица Андова забележа дека завршната сметка пред советниците требало да се најде според законот најдоцна до28 февруари. Рече дека од завршната сметка се гледала слабата работа на општината, долговите на општината и обвини за низок степен на реализација на капитални проекти.
Следеа повеќе реплики и докажувања кој што сработил и во чие владеење се изградени капиталните проекти во Кавадарци.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на комисијата за финансии, Зоран Јованчев рече дека за се што е сработено до граѓаните е доставен отчет, а лагодарение на големиот број реализирани проекти партијата ја добивала подршката од граѓаните на избори.
На обвинувањата и забелешките одговори и градоначалникот Александар Панов. Тој нагласи дека реализацијата на буџетот за минатата година значи три пати поголема комунална изградба споредено со претходниот период. Додека тој ја извршувал градоначалничката функција секогаш ќе имал 20 отсто повисоки буџетски планирања со цел да се изградело повеќе.
На прашањето зошто не се реализирани дел од проектите ветени во изборната програма во 2009, Панов рече дека истите се пренесени во програмата од последните избори за која ја добил довербата на 13.000 кавадарчани. Тој им рече на советниците од опозицијата дека ако неговите претходници сработеле повеќе и тој сега ќе имал помалку за работа во капитални инвестиции, напоменувајќи го целосното реконструирање на образовните институции и решавањето на проблемот со водоснабдување.
По бројните реплики со 12 гласа „За“ на денешната седница беа усвоени завршната сметка на буџетот и годишниот извештај на општината за лани како и извештај за извршувањето на буџетот за четвртиот квартал од минатата година. Петте советници од опозицијата гласаа против.
Советниците ги разгледаа и усвоија завршните сметки на основните и средните училишта во општината и културните институции кои се во надлежност на општината, како и нивните програми за работа годинава.
Со одлука се утврди потребата од донесување на нова урабнистичка планска документација за објекти надвор од планскиот опфат. Се усвои програмата за активностите на општината во областа на спортот и младите за 2014 година./A.Д