проф д-р Вучков: “Лозарите да извршат зелено кроење и заштита со бакарни средства“
Лозаропроизводителите од кавадаречко чии лозови насади претрпеа сериони штети од градот и силниот ветер, деновиве се активни во делот на заштитата на простанатите делови од виновата лоза.
Го користат секој погоден момент да ги испрскаат лозјата за да не се соочат со дополнителни штети од развој на болести и штетници, бидејќи лозите по ударот од град имаат сериозни рани.
„Она што е најважно во овој момент е производителите на грозје веднаш да извршат зеленично кроење. Доколку ластарите се долги од 80 до 100 см, да се отстранат оштетените делови , за да можат да се создадат папки кои ќе бидат носечки за родот наредната година. Имаме доволно влага и хранливи материи за да случи ново потерување. Со тоа ќе се рехабилитираат насадите. Средствата за заштита на база на бакар се основа за брзо зараснување на раните на ластарите, бидејќи може преку тие рани дополнителни штети да направат и одредени патогени. Затоа потребно е да се испрскаат оштетените лозја што е можно побрзо“ советува проф. д-р Ристо Вучков, агроексперт.
Од невремето во понеделникот кое беше проследено со пороен дожд, град и силен ветер најмногу штети во кавадаречко претрпеа лозовите насади. Првичните проценки говорад дека градот го обра грозјето од површина поголема од 200 хектари./А.Д