ФОТО: Вандали го оштетиле споменикот за Тиквешкото востание
Споменикот за Тиквешкото востание од 1913 година во Кавадарци ноќеска бил мета на вандали. Од непознати сторители е искрешена гранитната плоча и на ситни делови расфрлана околу споменикот.
Кавадарчани денеска се прашува кому му пречи овој споменик, кој говори за историјата и страдањата на тиквешани, поставен во паркчето кај поранешното музчко училиште.
„ Изгледа дека некои луѓе немаат обзир кон историјата и жртвите кон кои треба да даваме почит.Ова не беше карактеристично за Кавадарци. Слушавме за оштетени споменици во други градови. Но, во последните две-три години вакви вандалски постапки се случуваат и во нашиот град. Беше оштетен рељефот на споменикот на стреланите ваташки младинци, украдени бистите на Ќиро Крстев, Блажо Тодоровски-Чичето и Лазо Мицев-Рале“ рече директорот на кавадаречката Музеј-галерија , Петре Камчевски и нагласи дека во наредните денови ќе се санираат оштетувањата.
Камчевски информира дека за направеното оштетување биле информирани авторите на споменикот и апелираше до граѓаните да покажат поголема почит кон историските споменици, независно за кој период од минатото сведочат.
На 19 јуни се одбележаа 101 година од овој настан, кога тиквешани се кренале на востание против српската власт која ја окупирала Вардарска Македонија, по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна./А.Д