Се зголемува бројот на болни од грип во Кавадарци
Продолжува ширењето на грипот. Се чини годинава грипот започна подоцна со масовно ширење, но последните податоци од Центарот за јавно здравје во Кавадарци покажуваат дека најмногу болни 239 лица има во осмата недела од почетокот на сезоната, или во минатата недела.
Вкупно од почетокот на сезоната до минатата недела во Кавадарци има вкупно 526 заболени од грип. Се претпоставува дека бројот е уште поголем поради фактот дека многу граѓани не бараат помош од своите матични лекари и се лекуваат во домашни услови.
„Имаме најголем број заболени од почетокот на оваа сезона, но сепак не е ништо алармантно, бидејќи минатата година во овој период имавме 2735 болни од грип. Тоа значи дека споредено со годинава, за истиот период лани сме имале пет пати повеќе грипозни“ рече денеска д-р Ристе Јовановски.
Тој нагласи дека нестабилното време и честите промени на температурата одат во прилог на побрзо ширење на вирусот на грип. И понатаму најмногу на удар се граѓаните на возраст од 15 до 64 години. После нив следуваат децата на возраст од 5 до 14 години, па децата од 0 до 4 години. Најмалку болни од грип има граѓани постари од 65 години, бидејќи како што објаснува д-р Јовановски, таа возрасна група и најмногу се вакцинира пред почетокот на сезоната на грип.
Поради грип и други цревни вирози голем број деца отсуствуваат од градинка и ученици од настава./A.Д