Расте бројот на болни од грип во Кавадарци
Промените на времето се во прилог на ширењето на грипот, велат лекарите, а тоа го потврдува и бројот на нови заболени од ова вирусно заболување минатата недела, или деветата седмица од почетокот на сезоната на грип.
Според информациите од Центарот за јавно здравје минатата недела матичните лекари евидентирале 486 нови болни со што вкупниот број на грипозни во Кавадарци за оваа сезона достигна 1012 лица.
„Ова е најаголема бројка на заболени од грип во една недела од почетокот на сезоната, но сепак речиси три пати е помал бројот на болни споредено со сеозната на грип 2013/2014 кога имавме во овој период 2915 болни“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Кавадарци.
Тој додава дека и понатаму најмногу на удар се лицата на возраст од 15 до 64 години, потоа децата од 5 до 14 години, па најмалите од 0 до 4 години. Најмалку грипот ги напаѓа повозраснитње од 65 години, бидејќи и најголем е процентот на вакцинирани лица кај оваа возрасна категорија.
Лекарите нагласуваат дека грипот ќе се шири и понатаму бидејќи има услови за тоа. Според нив бројот на грипозни е многу поголем, бидејќи не сите бараат лекарска помош и се лекуваат во домашни услови, доколку немаат компликации од грипот./A.Д