Советот на општина Кавадарци одобри постапка за задолжување од 800 илјади евра
Општина Кавадарци со одлука на советот донесена на денешната седница отпочнува постапка за задолжување со 50 милиони денари или 800 илјади евра. Целта на овој заем е да се изврши реконструкција на улици во Кавадарци.
Советниците од опозицијата уште при утврдувањето на дневниот ред за денешната седница побараа точката да биде изземена од дневен ред бидејќи за оваа постапка не била одржана јавна расправа како што налагал законот.
Од владеачкото мнозинство, советничката Анита Гинова Каракутова му реплицираше на советникот Горан Белевски од СДСМ дека немало потреба од демагогии. Со усвојувањето на денешната одлука само се започнувала постапката, а не се реализирало и задолжувањето.
„Ни во една прилика не им кажавте на граѓаните дека ќе ги задолжувате со 800 илјади евра. Зошто општината со буџет од над 10 милиони евра има потреба да се задолжува за реконструкција на улици“ праша Белевски.
Советникот Сашко Петров рече дека и ова задолжување било по примерот на задолжување на цела држава. Според него била потребна прво јавна дебата и тоа на градскиот плоштад.
Со гласање, предлогот на опозицијата, одлуката за намера за отпочнување на постапка за задолжување не беше прифатен и одлуката остана на дневен ред.
Советничката Милица Андова побара објаснување од службите до каде била постапката со претходната одлука за задолжување пред Светска банка за реконструкција на училиштата.
На овие прашања одговори и детали околу новата постапка за задолжување пред советниуците изнесе раководителот на секторот за економски развој, Тодор Ефремов. Рече дека аплицирањето трребало да заврше до 7 ноември и поради тоа точката била на денешната седница. Заемот кој се планира бил со рок на отплата од 13 години и 3 години грејс период.
Aнгел Данов