Кавадарци на врвот по болни од грип
Грипот зема се поголем замав во Кавадарци. Последната недела во Центарот за јавно здравје биле евидентирани 1024 нови случаи на грип. Ова не е реална бројка бидејќи многу од болните се лекуваат во домашни услови, велат лекарите.
„За една недела имаме енормно зголемување на бројот на нови заболени од грип. 1024 нови случаи на грип имаме во Кавадарци и Росоман со што вкупниот број на заболени од почетокот на сезоната досега достигна 1420 болни. Ова, според бројот на жители е голем број“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемилог од кавадаречкиот Центар за јавно здравје.
Највисока инциденца од 2.379,5/100.000 се пријавени од подрачјето на Кавадарци, а втора највисока инциденца од 1.954,9 се регистрира во Свети Николе, па во Велес. Границата за многу висока активност е надмината уште во 10 градови.
Најголем број заболени, односно 65,9 од сите случаи регистрирани изминатава недела се на возраст од 15-64 години, што не претставува значајна промена на процентуалното учество од претходната недела (66,1%). Во пријавените случаи од 52. недела, децата на возраст од 5-14 години учествуваат со 18,4 отсто, лицата над 65 години со 9,8 отсто и децата од 0-4 години со 6 отсто.
Лекарите советуваат да се пијат витамински напитоци, против покачена температура да се земаат антипиретици, а не антибиотици на своја рака. Доколку состојата кај болните се комплицира задолжително да се бара лекарска помош. И она што е најважно, за време на празниците да не се собираат повеќе лица во затворени простории, а болните да бидат изолирани.
Здравствените власти размислуваат и за прогласување на епидемија, особено во Кавадарци.
А.Д