Советот на Кавадарци не дозволи да се вршат геолошки истражувања на локалитетот Матушница
Кавадарци не дозволува да се вршат геолошки истражувања на минерални суровини на локалитетот Матушница. На денешната седница советот даде негативно мислење по барањето од Министерството за животна средина и просторно планирање да се произнесе околу евентуалното ископување со цел истражување на минерални суровини.
Негативното мислење беше подржано од десетте советници на СДСМ, додека советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани. Тие бараа точката да се разгледува на наредна седница со образложение дека немаат доволно информации од министерството, конкретно за каква активност се работи и дали постои опасност по животната средина.
На денешната седница со 17 гласа „за“ и 1 „против“ Сашко Димовски беше избран за командир на полициска станица од општа надлежност Кавадарци. Тој беше еден од тројцата предложени кандидати од МВР.
Речиси едногласно беа усвоени и предложените програми за работа на градоначалникот и општината во следната година./А.Д