Во Кавадарци денеска се возеше велосипед
Во Кавадарци денеска масовно се возеше велосипед по повод светскиот ден на велосипедот. Манифестацијата ја организира Сојузот на училишни спортови на град Кавадарци.
На велосипед беа градоначалникот Митко Јанчев, ученици од основно и среднo со нивните наставници и професори по физичко и здравствено воспитување.
Градоначалникот Јанчев смета дека треба да има вакви почести манифестации за да се поттикнува свеста за возење на велосипед.
„Денес го одбележуваме месецот на велосипедост. Велосипедите треба да ги користиме секојдневно и ми е особено задоволство што има се повеќе млади тука кои возат велосипед“рече градоначалникот Јанчев.
Организаторот на акцијата, Сојузот на училишни спортови е задоволен од одзивот, а претседателот на Сојузот, Милан Колев упати благодарност за поддршката до градоначалникот и локалната самоуправа.
Низ кавадаречките улици поминаа околу 900 велосипедисти. Тие тргнаа од спортската сала „Јасмин”, продолжија кај гимназијата до градскиот плоштад, каде имаше лотарија, со главна награда, велосипед.
Меѓу велосипедистите беше и германскиот велосипедист Пјер Бишоф, кој од Германија до Кавадарци поминал околу 2.000 километри со велосипед, под брендот „Синалко” што се произведува и во кавадаречката компанија „Кожувчанка”, а му остануваат уште околу 1.200 до предвидената дестинација. Стартувал минатата недела. Тој изрази задоволство што е во Македонија./А.Д