Не фрлајте храна – претставена банката за храна во Кавадарци
Над 90 фамилии во Кавадарци се гладни и имаат потреба од храна, беше речено меѓу другото на денешното претставување на Банката за храна пред кавадаречките бизнисмени. Овој проект е подржан и од локалната самоуправа. Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање нагласи дека општината ќе обезбеди магацински простор каде ќе се складира храната која ќе биде донирана за сиромашните.
„Мотото е 0% гладни. За жал храна се фрла во големи количини која може да се искористи, бидејќи сеуште има луѓе кои страдаат за храна“ рече Јанчев.
Претставникот на Банката за храна, Душко Христов се осврна на досегашното работење и нагласи дека секоја година со донациите во храна кои се собираат во банката се хранат секојдневно барем со по еден оброк 300 лица во 11 градови.
„Иако Кавадарци е една од најбогатите општини, сепак има гладни. Над 90 фамилии имаат потреба од помош. Наша визија е активна борба со гладот и сиромаштијата преку редуцирање на отпадот и фрлање на храна. Тука сме да ја прифатиме секоја донација на оброк. Гладот е најтежок вид на сиромаштија“ рече Христов и ги храбреше претставниците од бизнис заедницата да го донираат вишокот храна, а не да го фрлаат.
Во Кавадарци партнер на Банката за храна е еколошкото друштво “Еко живот“.
Овој проект го поздрави и градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, кој исто така беше присутен на презентацијата. Рече дека ова е добар начин да им се излезе во пресрет на луѓето кои имаат потреба од храна./A.Д