Една деценија гранична полиција во Македонија (ФОТО)
Заштитните штитови, шлемови и панцири на припадниците на единицата за брзо распоредување, изложени на отворениот ден на полицијата во Кавадарци беа најинтересни за учениците од основните училишта. Токму нив дошол да ги види ученикот Мартин Ристовски. Тој и неговите другари разговараа со специјалците и со очи голтаа што се им кажуваат луѓето кои се грижат за редот и мирот во посебни ситуации.
„Многу интересни случки ни раскажаа. Мислам дека овие полицајци се многу храбри. И јас сакам, кога ќе пораснам, да бидам како нив,“ рече Мартин.
Паркираните полициски возила, мотори, опрема од платото пред спортската сала и над фудбалскиот терен ги гледаа децата од градинките во Кавадарци. И тие дојдоа на отворениот ден на полицијата. Но, штом низ воздухот проструи звукот што го најави доаѓањето на полицискиот хеликоптер децата почнаа да извикуваат и да ракоплескаат.
Сето внимание на сите присутните го окупираше полицискиот хеликоптер кога од него со помош на јаже на фудбалскиот терен се спуштаа припадниците на единицата за специјални задачи Тигри. Сите ја следеа вежбата а потоа децата нагрнаа кон хеликоптерот и долго чекаа во редица за да се качат во леталото.
Се ова се случуваше како дел од денешното одбележување на јубилејот 10 години гранична полиција. Министерката за внатрешни работи, Јанкуловска рече дека Македонија има модерна современа и европска гранична полиција по највисоки стандарди со високософистицирана опрема која е соодветна на работните задачи што ги исполнува.
„Во овие десет години 132 милиони патници ги поминаа границитена Република Македонија односно минаа низ државата. Граничната полиција учествуваше во откривање на над 17 илјади илегални мигранти. На над 35 илјади лица не им беше одсобрен влез во Македонија. Во граничната полиција се ангажирани над 1.700 припадници односно полициски службеници кои извршуваат работни задачи поврзани со обезбедување на границата и граничната контрола,“ рече Гордана Јанкуловска
Домакин на денешното одбележување на деценискиот јубилеј беше регионалниот центар Југ на граничната полиција со седиште во Кавадарци. /А.Д