Работници на „Македонски шуми“, подружница Кавадарци бараат исплата на регрес за годишен одмор
Притисоци и закани, од раководството на јавното претпријатие, трпеле дваесеттина работници на оваа подружница. Тие тврдат дека на работните места им се случува вистинска голгота откако одбиле да ги повлечат тужбите за регрес за годишен одмор за 2010 година, кој законски им следувал. Двајца од нив биле испратени на работа во Демир Капија на работни места за кои не се стручно оспособени. Другите се плашат дека ќе бидат избркани од работа како технолошки вишок за што имало соопштение на огласната табла во управната зграда во Кавадарци.
– Јас сум од еден од оние што добив прераспоредување бидејќи поднесов тужба за К – 15 што ми следува според закон. Како и останатите не отстапувам од она што ми следува. Сакам да упатам порака до генералниот директор Жарко Караџоски и до премиерот Никола Груевски да не се плашат од оваа група што овде е присутна бидејќи ова се работници кои се без образование и кои ги сакаат само своите пари за себе и за своите фамилии кои живеат од месец за месец, рече работникот Блажо Ордановски. Тој три децении работи во подружницата на јавното претпријатие во Кавадарци.
– Јас сум металостругар и тоа треба да работам. Кога генералниот директор Жарко Караџоски од директор ќе дојде да работи на дребонг тогаш и јас ќе можам да бидам шумар. Јас немам квалификација ниту лиценца за да можам да работам како шумар, додаде Ордановски.
Адвокатот, на Ордановски и неговите колеги, Манчо Манчев вели дека неиздржан бил аргументот со кој на суд се бранело јавното претпријатие. Станува збор за одлука за штедење што Македонски шуми ја доставило на судот бидејки е спротивна на потпишаниот колективен договор. Според Манчевски криза не може да има во претпријатие кое неполна година претходно примило на работа 290 работници и кое на поголем дел од работниците по судска одлука им исплатило К – 15. И тој тврди дека поради притисоци имало работници кои се откажале од тужбите за исплата на регрес за годишен одмор.
-На работниците им било укажано дека доколку не ги повлечат тужбите ќе имаат последици со што ќе добијат соодветни одлуки за нивно разместување во други градови односно други подружници на ЈП Македонски шуми. Меѓутоа голем дел од работниците кои дојдоа во мојата канцеларија и на кои им изготвив и поднесов тужби не се откажаа, не подлегнаа на притисокот и заканите, останаа на тужбите и нивното барање, рече адвокатот Манчев.
Од „Македонски шуми“ во Скопје не одговорија на нашите телефонски повици за да го слушнеме ставот на раководството на ваквите обвинувања./Б.Н.Т