Донаторска забава на ротаријанците од Кавадарци
Претставниците на бизнис заедницата во градот и членови на ротари клуб Кавадарци и нивни гости од земјава во саботата беа дел од донаторската забава што традиционално ја организира Ротари клуб Кавадарци. И понатаму главна водилка во нивното делување е хуманоста и помошта во заедницата, градењето на доверба и мир.
Во изминатиот период се донираше во повеќе институции во Кавадарци, а донацијата е со вкупна вредност од 50.000 евра. Годинава ротаријанците ќе подржат 108 талентирани ученици од основните и средните училишта во општината.
„Досега имаме неколку донации во ЈЗУ Општа болница Кавадарци, Специјалната паралелка во ООУ „Страшо Пинџур“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби Кавадарци, како и во противпожарната станица во Кавадарци. Нашите активности не завршуваат со тоа. Продолжуваме со хуманоста и подршката во заедницата. Годинава ќе го реализираме проектот „Пакет награди-жолта маичка“. Со овој проект ќе ги подржиме талентираните ученици од училиштата во Кавадарци. Ќе бидат опфатени ученици од сите генерации и во сите области, образование, уметност, спорт“ рече претседателот на Ротари клуб Кавадарци, Лазе Милков.
A.Д