Локализиран утрово пожарот кај село Брушани, во кавадаречко
Регионалнниот ЦУК Велес извести дека и вториот пожар кај село Брушани, Општина Кавадарци, реон каде што вчера пожарникарите интервенираа во два наврата, во 17:30 и во 21:30 часот, е локализиран утрово во 04:00 часот, по целовечерен постојан ангажман на пожарникарите од ТППЕ Кавадарци и тимот на подружницата „Бор“ на ЈП „Национални шуми“. Известено е дека во моментот нема потреба од ангажирање на хеликоптери, иако во текот на гасењето била во опција и барањето за ангажирање воздухоплови заради сериозноста на пожарот и заради непристапниот терен.
Инаку, вчера попладне, во 17:30 часот, беше добиена првата пријава за шумски пожар кај село Брушани, каде што горела нискостеблеста шума и сува трева на површина од 4 хектари. Во гаснењето на пожарот интервенирале 6 пожарникари со 2 противпожарни возила од ТППЕ Кавадарци, 4 лица со едно теренско возило на ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ од Кавадарци. Пожарот на таа локација е изгаснат вчера вечер 19:00 часот.
Но, потоа, во 21:30 часот, добиена е дојава дека повторно кај село Брушино, на друга локација, најверојатно е препален пожарот покрај Тиквешкото езеро, Општина Кавадарци. Интервенираат 8 пожарникари со 2 противпожарни возила и една екипа од ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ од Кавадарци. Пожарот се простирал на непристапен терен и горела смрека.
„Ако интервенцијата на противпожарните единици не дала резултат, се очекувало од градоначалникот од Општина Кавадарци да биде доставено барање до ЦУК за ангажирање воздухоплови за гаснење на пожарот. Но, по целовечерен постојан ангажман на пожарникарите од Кавадарци и тимот на „Национални шуми“ од подружницата „Бор“, пожарот кај село Брушино, Општина Кавадарци е локализиран во 04:00 часот утрово. Известени се СИКС на МВР дека во моментот нема потреба од ангажирање на хеликоптери,“ соопштија од РЦУК.
Убавка Јаневска